• вторник, 24 декември 2024

Шоле за МИА: Следниот чекор напред кон Европската унија зависи од вас

Шоле за МИА: Следниот чекор напред кон Европската унија зависи од вас

Скопје, 14 јули 2023 (МИА) - Имате постигнато многу во вашите три децении независност, а тоа го постигнавте и покрај фрустрациите кога вратите една по друга ви се затвораа пред вас. Со храброст и пожртвуваност ја отворивте вратата за влез во НАТО, и ние бевме покрај вас кога влеговте. Сега се отвори уште една врата. Како што неодамна изјави амбасадорката Анџела Агелер, во сржта на вашата одлука е вашиот народ. Следниот чекор напред кон Европската Унија зависи од вас, и знајте дека САД секогаш ќе бидат со вас. Убеден сум дека претставниците на народот ќе постапат во најдобар интерес на земјата, и ќе ја водат напред, порача за МИА Дерек Шоле, советник во Стејт Департментот на САД.

Шоле подвлекува дека постигнувањата и отпорноста на Северна Македонија се вистинска инспирација – а тоа кажува многу и за нејзиниот народ.

-САД се горди што се со Северна Македонија додека таа успешно ги остварува заедничките цели. Северна Македонија долги години беше партнер на САД во делот на безбедноста, а за само неколку години веќе се покажа и како силен сојузник во НАТО. Извонредното претседавање на земјата со ОБСЕ, како вистински лидер, во овие клучни моменти е од витална важност за нашите напори во борбата против ширењето на дезинформации од страна на Русија, и за поддршка на Украина. Заедно направивме важни чекори во јакнењето на демократските институции, владеењето на правото и регионалната енергетска безбедност. Ова е само почеток на едно силно партнерство кое ги надминува границите на нашите земји и се протега до регионалната безбедност и глобалните предизвици, вели Шоле.

Потсетува дека повеќе од 30 години САД и Северна Македонија се, како што вели, непоколебливи партнери.

-Нашите односи се повеќе од едноставни фрази на поддршка и охрабрување. Ние сме инвестирале во вас и ќе продолжиме да инвестираме од едноставна причина: сакаме да успеете. Инвестираме во вас бидејќи силата, отпорноста и просперитетот на вашата земја придонесуваат да ни биде подобро на сите нас. И токму поради нашите трајни врски и заеднички интереси, сакаме да ја обезбедите вашата иднина како силна европска држава. Ова беше мојата порака кога го посетив Скопје на почетокот на оваа година, и повторно минатиот месец кога учествував на средбите на државниот секретар Блинкен со премиерот Ковачевски и со министерот за надворешни работи Османи во Вашингтон. Од прва рака чув за напорите што вашата Влада и граѓаните ги прават за остварување на вашите цели за евроатлантска интеграција. Ние силно ги поддржуваме овие напори, вели Шоле за МИА.  

Советникот во Стејт департментот на САД натаму наведува дека двете држави се силни мултиетнички општества, длабоко посветени на заедничките вредности, вклучително човечкото достоинство и просперитетот за сите граѓани.

-Како динамични демократии ги избираме нашите претставници за да носат одлуки и да прават тешки избори. Иако демократскиот процес секогаш е пропратен со политички несогласувања и поентирање, вашиот избор не смее да биде на штета на клучните реформи и владеењето на правото. На крај, јас сум убеден дека претставниците на народот ќе постапат во најдобар интерес на земјата, и ќе ја водат напред, наведува Шоле за МИА. нд/бак/ 

 

 

 

Остани поврзан