• петок, 03 јануари 2025

Шин Бет: Во 2024 спречени над 1.000 терористички напади на Западниот Брег

Шин Бет: Во 2024 спречени над 1.000 терористички напади на Западниот Брег

Тел Авив, 31 декември 2024 (МИА) - Службата за државна безбедност на Израел Шин Бет во текот на 2024 година спречила 1.040 значајни терористички напади на Западниот Брег и во Ерусалим, се наведува во годишниот извештај на агенцијата објавен денеска.

Според извештајот, Шин Бет испитала над 650 осомничени од Појасот Газа и пресекла 20 терористички ќелии кај арапските Израелци, како и 13 активности на иранска шпионажа.

Во текот на годината, агенцијата помогнала во апсењето на 1.350 Палестинци на воените контролни пунктови, меѓу кои 40 високи команданти, 165 лица блиски до високи функционери, 45 лица поврзани со нападите од 7 октомври и 100 осомничени со информации за заложници на Хамас.

На Западниот Брег и во Ерусалим се спречени 689 планирани престрелки, 326 напади со експлозивни направи, 13 напади со нож, две самоубиствени бомби и едно киднапирање. Овој број претставува намалување од 40 отсто во споредба со претходната година.

Шин Бет, исто така, известила дека во Либан се елиминирани 25 високи команданти на палестински терористички групи, вклучувајќи Хамас, Ал Џамаа ал Исламија и Народниот фронт за ослободување на Палестина.

Извештајот укажува на значително зголемување на шпионажата поврзана со Иран, со 400 проценти повеќе уапсени осомничени во споредба со 2023 година. Агенцијата спречила 13 инциденти на шпионажа во корист на иранските интереси, што резултирало со поднесување на 27 обвиненија.

Покрај ова, Шин Бет извршила бројни специјални операции за обезбедување на израелски функционери на Олимписките игри во Париз и Евровизијата во Малме. Агенцијата, исто така, пресекла над 700 сајбер-напади врз Израел за време на војната, кои биле петпати почести од претходните години. ссм/

фото: архива

Остани поврзан