• среда, 27 ноември 2024

Шилегов: Во пандемија ја разбраме суштината на човечкото здравје, инвестирани 54 милиони во средното медицинско

Шилегов: Во пандемија ја разбраме суштината на човечкото здравје, инвестирани 54 милиони во средното медицинско
Скопје, 7 април 2021 (МИА) – Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов денеска го посети средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје, по повод Светскиот ден на здравјето – 7 април и 90 години од постоење на медицинската струка во нашата држава, како и 76 години од постоење на средното медицинско училиште. -Во вакви услови на светска пандемија барем ја разбравме суштината на човечкото здравје, го сфативме здравјето  како приоритет и јас сум горд што Градот Скопје  во изминатите три години во средното медицинско училиште има инвестирано вкупно 54 милиони денари, изјави Шилегов. Тој посочи дека со инвестициите обновени се подовите, дел од вратите на училниците, надворешната столарија, целосно е уредено новото спортско игралиште, како и дворот и ЛЕД осветлувањето. Градоначалникот на Град Скопје се надева дека кога ќе се нормализира состојбата, околу 2400 ученици распоредени во пет различни струки во медицинското училиште „Панче Караѓозов“ ќе се вратат на настава во обновено училиште. -Чест и задоволство ми е да раководам со ваква институција и да бидеме дел од Град Скопје бидејќи го препознаваат и поддржуваат образованието со сите потреби, со цел да се продуцираат кадри што ќе стекнат знаење и вештини и ќе обезбедат професионален ангажман или успешна академска кариера, изјави директорката на средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, Маја Салиу. Салиу додаде дека иако поради пандемијата наставата се одржува виртуелно, сепак учениците  од медицина продолжија со практична настава во здравствените институции, а училиштето ја искористи можноста да ги подобри условите и да биде во чекор со новите модерни текови на образованието. -Во рамки на образовни новитети би ја издвоила дуалната паралелка со Алкалоид и дополнително што оваа година се воведува смер Гинеколошко-акушерска сестра, поради огромната потреба на пазарот на трудот, посочи таа. Директорката на училиштето изјави дека е горда што се вложува во важните алки на нашиот општествен систем, односно здравствените работници. ки/скс/

Остани поврзан