• четврток, 09 април 2026

Шефот на MAE тврди: Актуелната криза со нафтата и гасот е посериозна од кризите во 1973, 1979 и 2022 година заедно

Шефот на MAE тврди: Актуелната криза со нафтата и гасот е посериозна од кризите во 1973, 1979 и 2022 година заедно

Париз, 7 април 2026 (МИА) - Сегашната криза со нафтата и гасот предизвикана од блокадата на Ормуската Теснина „е посериозна од кризата во 1973, 1979 и 2022 година заедно“, изјави Фатих Бирол, шеф на Меѓународната агенција за енергија (MAE), за весникот „Ле Фигаро“.

„Светот никогаш не доживеал прекин на снабдувањето со енергија од ваков обем“, рече тој во интервју за француски весник објавено денеска.

Тој додаде дека европските земји ќе бидат погодени, како и Јапонија, Австралија и други, но дека најранливи се земјите во развој, кои ќе страдаат поради повисоките цени на нафтата и гасот, повисоките цени на храната и општото забрзување на инфлацијата.

Земјите членки на MAE минатиот месец се согласија да ослободат дел од своите стратешки резерви. Некои од нив веќе се пуштени на пазарот и процесот продолжува, рече Бирол.

Како реакција на нападите од Израел и САД, Иран речиси целосно го блокира сообраќајот во Ормуската Теснина, низ која нормално минуваат речиси 20 проценти од светската нафта и гас, што предизвика ненадејно зголемување на цените на енергијата.сд/ссм/

Фото:МИА архива

Остани поврзан