• среда, 27 ноември 2024

Шефот на полската дипломатија Радослав Шикорски планира да се кандидира за претседател на земјата

Шефот на полската дипломатија Радослав Шикорски планира да се кандидира за претседател на земјата

Варшава, 30 октомври 2024 (МИА) – Шефот на полската дипломатија, Радослав Шикорски, има намера да се кандидира за претседател на државата на изборите следната година, соопшти денеска за радио „Зет“, прецизирајќи дека последниот збор сепак ќе го има неговата партија, јави ДПА.

Либерално-конзервативната коалиција Граѓанска платформа предводена од полскиот премиер Доналд Туск, чиј член  е и Шикорски, планира да го објави својот претседателски кандидат на 7 декември.

Одржувањето на претседателските избори е планирано за мај 2025 година, а точниот датум се уште не е утврден, забележува ДПА.

Актуелниот претседател на Полска, Анджеј Дуда нема право да се кандидира за функцијата на која веќе мина два мандата.

Претставникот на конзервативната националистичка партија „Право и правда“ (ПиС) неодамна торпедираше голем број проекти на проевропската влада на Туск, посочува ДПА.

Шикорски (61)  се смета за посветен трансатлантичар и жесток поддржувач на политичката и воената помош на Полска за Украина.

Тој е во брак со американската историчарка, новинарка и авторка Ен Еплбаум, која овој месец ја доби германската награда за мир.

Шикорски не е единствениот од таборот на Туск со претседателски амбиции, посочува ДПА. Како можен кандидат за оваа функција се смета и градоначалникот на полската престолнина Варшава, Рафал Ташковски.

Ташковски тесно загуби од Дуда во вториот круг од претседателските избори во 2020 година, за разлика од градоначалникот на Варшава, Шикорски има искуство во надворешната политика и одбраната.

Тој беше прв полски дипломат и во периодот 2007-2014 година, а претходно ја извршуваше функцијата министер за одбрана. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан