• недела, 22 декември 2024

Шефот на Генералштабот на САД изјави дека руските напади врз цивилната инфраструктура се воено злосторство

Шефот на Генералштабот на САД изјави дека руските напади врз цивилната инфраструктура се воено злосторство
Вашингтон, 12 октомври 2022 година (МИА) - Началникот на Генералштабот на САД генерал Марк Мили, по денешниот состанок во Брисел на Контакт групата за одбрана на Украина, оцени дека руските напади врз цивили и цивилна инфраструктура во таа земја претставуваат „воено злосторство, јави Си-Ен-Ен. На прес-конференција , Марк Мили истакна дека „Русија намерно ја таргетирала цивилната инфраструктура со цел да им наштети на цивилите“. - Неселективните и намерни напади врз цивилни цели се воено злосторство според меѓународните правила за војување, потенцираше генералот. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, кој исто така учествуваше на оваа средба, рече дека неодамнешните напади од Русија „ја откриваат злонамерноста на војната на Путин што ја започна“. Остин, кој претседаваше со Контакт групата за одбрана на Украина, рече дека „решителноста“ на сојузниците и партнерите да и помогнат на земјата само зајакнала по големиот руски ракетен напад во понеделникот. На конференцијата, на која присуствуваа претставници на повеќе од 50 земји, се разговараше за тоа како да се продолжи со поддршката на Украина, која се бори против руската инвазија. Остин рече дека САД и сојузниците „ќе продолжат“ да испраќаат воена помош на Украина, како што е високоподвижниот артилериски ракетен систем, познат како ХИМАРС, кој и помогна на земјата во нејзината контраофанзива против Русија, пренесува Си-Ен-Ен. Војната во Украина почна на 24 февруари. ссм/зш/

Остани поврзан