Шефовите на дипломатиите на САД и Велика Британија најавија дополнителна помош за Украина вредна 1,5 милијарди долари
- Американскиот државен секретар Ентони Блинкен најави повеќе од 700 милиони долари за хуманитарна помош, додека британскиот секретар за надворешна политика Дејвид Лами потврди дека Велика Британија ќе додели дополнителни 782 милиони долари за помош и кредитни гаранции.
Киев, 11 септември 2024 (МИА) - САД и Велика Британија ќе и дадат на Украина дополнителна помош во вредност од речиси 1,5 милијарди долари, изјавија денеска шефовите на дипломатиите на двете земји за време на посетата на Киев.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен најави повеќе од 700 милиони долари за хуманитарна помош, додека британскиот секретар за надворешна политика Дејвид Лами потврди дека Велика Британија ќе додели дополнителни 782 милиони долари за помош и кредитни гаранции.
Голем дел од оваа помош е наменет за обновување на украинската електроенергетска мрежа, која Русија упорно ја напаѓа со проектили и дронови пред зимата, која во тие краишта е многу студена.
Русија окупираше значителен дел од територијата на Украина со инвазијата во февруари 2022 година. Таа сега постепено зазема делови од источна Украина, но минатиот месец силите на Киев извршија изненадни напади на гранични делови од Русија и ги освоија.
Блинкен и Лами отпатуваа заедно во Киев, потврдувајќи ја јасната поддршка на нивните земји за Украина.
Нивното пристигнување беше нарушено од сирени за воздушен напад, поради што церемонијата за полагање венци во чест на загинатите мораше да биде откажана поради промена на распоредот.
Украинските власти деновиве повторно побараа од западните сојузници да им дозволат да гаѓаат цели подлабоко на руска територија со проектили набавени од нив
Блинкен вети дека ќе го пренесе прашањето за ракетите во Вашингтон за да го информира претседателот Џо Бајден.
Западот стравува од ескалација на војната. САД дозволија користење на своите проектили за прекугранични напади само за одбрана на Украина, до одредена граница внатре во Русија.
Русија има поголема и подобро опремена војска, насочена кон освојување на неокупираните делови на Доњецк, но истовремено ја напаѓа Украина со проектили, наведувани бомби и дронови, предизвикувајќи цивилни жртви и материјална штета.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се надева дека овие ограничувања ќе се променат и дека ќе се сретне со Бајден овој месец. ссм/
фото: ЕПА