• понеделник, 23 декември 2024

Шест млади од Западен Балкан заедно го создадоа новото трајно лого за Самитот на Берлинскиот процес

Шест млади од Западен Балкан заедно го создадоа новото трајно лого за Самитот на Берлинскиот процес

Скопје, 20 септември 2024


Самитот на Берлинскиот процес официјално доби нов визуелен идентитет, за кој е заслужен тим од шест млади дизајнери од Западен Балкан. Избрани во јуни годинава во рамки на јавниот повик што го објави Регионалната канцеларија за млади (RYCO) во соработка со Сојузното министерство за надворешни работи на Германија, младите дизајнери во изминатиот период заеднички работеа на создавање на логото, кое отсега ќе служи како трајно визуелно обележје на овој престижен настан, кој секоја година ги собира лидерите на Западен Балкан, Европската унија и претставниците на институциите на ЕУ.


Тимот на млади кои стојат зад логото го сочинуваат Алкид Шули од Албанија, Ррезе Гури од Косово*, Амила Реџиќ од Босна и Херцеговина, Лана Кленак од Црна Гора, Бојан Буџаровски од Северна Македонија и Милан Ружиќ од Србија, под креативно менторство на искусниот креативен директор, Фисник Исмаили.


Јавноста ќе има можност да го види логото на Самитот на Берлинскиот процес, кој оваа година ќе се одржи во Берлин во октомври, како и на други настани во рамки на Берлинскиот процес, како што се министерските состаноци, Форумот на млади што го организира RYCO со партнерите и други состаноци во рамките на оваа платформа за соработка на Западен Балкан и ЕУ.


Иницијативата за изработка на трајното лого доаѓа во светло на одбележувањето на јубилејот - 10 години од Берлинскиот процес, кој официјално беше воспоставен во 2014 година, како модел за поттикнување на соработката и поддршка на регионот на Западен Балкан на патот кон ЕУ. Со текот на годините, Берлинскиот процес се развиваше и денес го опфаќа Самитот како врвен настан, како и министерските состаноци, форумите и  бројни други активности.


Од 2021 година, RYCO организираше јавни повици во форма на натпревари, на кои секоја година се избираше логотип за Самитот, а за визуелните решенија беа наградувани поединци. Тимската работа на трајното визуелно решение избрано оваа година дава дополнителна вредност и придонесува за зајакнување на соработката во регионот на Западен Балкан.

Регионална канцеларија за млади (RYCO) 

_______________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото: Регионална канцеларија за млади (RYCO) 

Остани поврзан