• понеделник, 23 декември 2024

Шест држави го изгубија правото на глас во Генералното собрание на ОН

Шест држави го изгубија правото на глас во Генералното собрание на ОН

Њујорк, 20 јануари 2023 (МИА) - Венецуела, Либан и Јужен Судан го загубија правото на глас во Генералното собрание на ОН, поради доцнење со подмирувањето на нивните финансиски обврски кон буџетот на меѓународната организација, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Правото на глас од исти причини веќе го загубија и Доминиканската Република, Екваторијална Гвинеја и Габон. Габон во моментов има претставник во Советот за безбедност со двегодишен мандат и оваа одлука на генералниот секретар не се однесува на неговото право на глас.

Повелбата на Обединетите нации предвидува дека членовите чии долгови се еднакви или поголеми од износот на нивните придонеси за претходните две цели години го губат правото на глас. Но, во исто време, Генералното собрание има моќ да одлучи „дека неплаќањето се должи на услови надвор од контрола на членката“, во кој случај земјата може да продолжи да гласа.

Генералното собрание одлучи африканските држави - Коморите, Сао Томе и Принципе и Сомалија, да ги задржат своите права на глас независно доцнењето со уплатата средства за ОН.

Како што е наведено во писмото на генералниот секретар, минималните плаќања потребни за враќање на избирачките права се 76.244.991 долари за Венецуела, 1.835.303 долари за Либан, 619.103 долари за Екваторијална Гвинеја, 196.130 долари за Јужен Судан, 61.620 долари за Габон и 20.580 долари за Доминиканската Република. аб/

Остани поврзан