• среда, 25 декември 2024

Шекеринска почесен гостин на Националната гарда на Вермонт: Се разгледуваат можности за обуки на наш кадар за цивилна заштита и спасување

Шекеринска почесен гостин на Националната гарда на Вермонт: Се разгледуваат можности за обуки на наш кадар за цивилна заштита и спасување
Скопје, 21 септември 2021 (МИА) - Цврсто сме убедени во бенефитот кој и нашата Армија и Националната гарда на Вермонт го имаат од исклучително интензивната меѓусебна соработка. По успешната реализација на поголем број заеднички вежби со нетрпение очекуваме да им посакаме добредојде на припадниците на Националната гарда на Вермонт, на претстојната вежба „Брз одговор 22“, што се фокусира на воздухопловно-десантните единици, истакнала министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, при посетата на воздухопловната база на националната гарда на Вермонт. Во базата, соопштија денеска од МО, министерката Шекеринска била брифирана за капацитетите на единиците и на Здружениот оперативен центар, при што била потврдена меѓусебната заложба за продолжување на плодната долгогодишна одбранбена соработка помеѓу Северна Македонија и Вермонт. Во контекст на неодамнешните случувања со пожарите во нашата земја, се наведува во соопштението, од исклучително значење беше посетата на македонската делегација на Оперативниот центар за итни случаи на Вермонт, каде беа разменети информации во однос на начинот на справување со природни катастрофи и можностите за проширувањето на соработката и во овој домен. - Едно од клучните прашања е како да развиваме армиски капацитети кои на едноставен и ефикасен начин целосно ќе можат да се вклучат во напорите на цивилните институции во справувањето со природните непогоди. Климатските промени чии ефекти ги чувствуваме и денеска бараат организирање на систем кој е подготвен за брза координација и брз ангажман на терен. Навистина сме ви благодарни за споделувањето на вашите искуства во справувањето со шумските пожари, истакнала министерката Шекеринска при посетата на Оперативниот центар. Како што е најавено, денеска Шекеринска ќе има средба со заменик гувернерката на Вермонт, Моли Греј, а ќе го посети и полигонот за планирање и операции. цр/дма/

Остани поврзан