• среда, 25 декември 2024

Шекеринска - Пелеши: Блиската одбранбена соработка и сојузништвото во Алијансата ја зацврстуваат безбедноста на регионот

Шекеринска - Пелеши: Блиската одбранбена соработка и сојузништвото во Алијансата ја зацврстуваат безбедноста на регионот
Скопје, 5 ноември 2021 (МИА) - Северна Македонија и Албанија како земји  сојузнички во НАТО денес се соочуваат со поголем потенцијал и можности за развој на соработката, оценија на денешната средба во Скопје министерката за одбрана Радмила Шекеринска и нејзиниот албански колега Нико Пелеши, кој престојува во прва официјална посета на земјава. Министрите Шекеринска и Пелеши на средбата во Министерството за одбрана се согласија дека во тој дух треба да биде инициран нов и сеопфатен Договор за билатерална соработка, кој ќе овозможи уште поинтензивна и поблиска одбранбена соработка. Шекеринска порача дека Северна Македонија цврсто верува во регионален развој на одбраната преку блиска соработка и вложувањето во специфични капацитети кои би биле на располагање на сојузниците. - Паметната одбрана е најефикасниот и најдобриот начин за движење напред. Северна Македонија развива специфични капацитети кои ги нудиме на сите сојузници, а еден од нив е и Регионалниот центар за односи со јавноста и справување со дезинформации. Отворени сме за блиска соработка и во рамките на заедничките обуки и военото образование, а работиме и на интензивирање на воените вежби како најдобар начин за развој на интероперабилноста во НАТО, истакна Шекеринска. Пелеши информира дека албанската Воена академија е во фаза на реорганизација и развој по примерот на најдобрите светски воени школи. Двајцата министри се согласија дека треба да се овозможи размена на студенти од воените академии на двете земји. - Ние сме соседи и сојузници. Се надевам на интензивирање на одбранбената соработка и на голем број заеднички проекти. Комплементарноста е од клучно значење, рече министерот Пелеши. Шекеринска и Пелеши разговараа и за интеграцијата на двете земји во Европската Унија, и укажаа на потребата од што е можно поскоро отворање на преговорите за членство во ЕУ и за Северна Македонија и за Албанија. - Со нашата искрена билатерална соработка, со интензивното учество во регионалните иницијативи, ние како земји членки на НАТО ги штитиме евроатлантските вредности во регионот. Нашата одбранбена и сојузничка соработка ја зацврстува безбедноста во регионот и испраќа уште една порака - местото на Албанија и Северна Македонија во ЕУ е заслужено, рече министерката, додавајќи дека земјите испорачаа, сега е на ред да испорача е Унијата. Како што соопшти Министерството за одбрана, Шекеринска и Пелеши разговарале и за предизвиците предизвикани од климатските промени и природните катастрофи и се согласиле дека е потребно земјите да сметаат една на други во вакви кризи, зашто ниту една земја самостојно не може да развие доволно капацитети за брз одговор на катастрофи од големи размери. - Официјалната посета на албанскиот министер за одбрана се реализира само еден ден по министерскиот состанок на регионалната СЕДМ иницијатива и 15 дена по заедничкото учество на министрите Шекеринска и Пелеши на состаноците на Северноатлантскиот совет на НАТО. Интензивните контакти на највисоко ниво помеѓу двете земји покажуваат дека и Северна Македонија и Албанија се исклучително посветени на развој на билатералната одбранбена соработка, што ја зацврстува безбедноста во регионот, а соработката е интензивна и активна и како сојузници во Алијансата, се додава во соопштението. мс/сп/

Остани поврзан