• понеделник, 23 декември 2024

Шекеринска од Ресен: Нашата НАТО влезница има преспанска адреса

Шекеринска од Ресен: Нашата НАТО влезница има преспанска адреса

Ресен, 11 јули 2020 (МИА)Нашата НАТО влезница има преспанска адреса. Преспа и Ресен ќе останат во нашата историја како место каде што ние донесовме одлука и кажавме дека го сакаме развиениот свет и нему да припаѓаме, истакна вечерва во Ресен носителката на листата кандидати во Петтата изборна единица од коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ, Радмила Шекеринска.

Таа предочи дека НАТО влезница е напишана со дух на соработка кој секогаш постоел во Преспа и таа НАТО влезница значи сигурност.

-НАТО влезницата и НАТО членството се еден од првите чекори кои ги направивме за да можеме гордо да кажеме дека сега сме на вистинското место, да седнеме на масата која одлучува за светот, на маса на која кога не сме биле, некој друг ни ги цртал мапите, некои други одлучувале за нашите судбини. Сега ние сме токму на таа маса со сите држави што значат во светот, а кога ќе го видите македонското знаме како гордо се вее со сите 30 знамиња, треба да знаете дека и Преспа со букви е впишана на тој успех, истакна Шекеринска.

На предизборниот собир во Ресен, Шекеринска посочи на разликите меѓу владејачката партија и опозиционата ВМРО-ДПМНЕ во сите сегменти од општествениот живот.

- ВМРО ДПМНЕ и ЕУ не оди заедно, ВМРО-ДПМНЕ и слобода не оди заедно. ВМРО-ДПМНЕ и шанса за сите, не оди заедно. Затоа на 15 јули ќе гласаме со срце и со разум, ќе гласаме за режимот никогаш да не ни се повтори. На 15 јули ќе гласаме да се отворат нови шанси на нашата држава. Ни треба чист мандат, цел мандат, затоа што тоа што го сработивме за 2,5 години, гарантираме дека за 4 години после членството во НАТО, ќе завршиме 80 проценти од поглавјата за ЕУ. Гарантираме дека овде во Преспа преку ЕУ ќе обезбедиме 18 милиони евра за поддршка на целиот регион, за животна средина, за инфраструктура, за локален бизнис, за туризам. Ќе ги обезбедиме тие средства затоа што Преспа стана симбол на доверба која нема алтернатива, симбол на тоа дека договорот секогаш е подобар од проблемот. Европа може да научи нешто ново во Преспа. Ние во Преспа ќе ги донесеме младите од целиот Балкан за да го видат Преспанското Езеро, природната убавина и преспанското гостопримство, истакна Шекеринска.

За програмските цели и задачи на коалицијата „Можеме“ на вечерашната трибина во Ресен говореа и вториот носител Јован Митрески, кој најави дека во Собранието ќе биде донесен Закон со кој денот недела ќе биде прогласен за неработен ден за сите работници, а кандидатката за пратеник од тој град Бети Рабаџиевска Наумовска најави повеќе проекти и отворање на младински културен центар. мт/бак/

 

Остани поврзан