• сабота, 23 ноември 2024

Шврговски: Судот донесе законита и правична одлука за „Трезор“

Шврговски: Судот донесе законита и правична одлука за „Трезор“

Скопје, 22 февруари 2024 (МИА) – Адвокатот Љупчо Шврговски, бранител на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, во случајот „Трезор“ денеска изјави дека ослободителната пресуда е законита и правична. 

Според Шврговски, Судот постапувајќи по напаствијата на Апелациониот суд по целосно и според нив законито анализирање на сите докази, поединечно во склоп на една целина недвосмислено утврдил дека јавниот обвинител не успеал надвор од разумно сомнение да докаже дека обвинетите го сториле кривичното дело.

- Ние од самиот почеток укажувавме дека се работи за конструкција којашто не беше поткрепена со адекватни докази што му даваат кредибилитет на обвинението. Напротив, самите докази на јавниот обвинител укажуваа дека не е исполнет описот на дејствијата на извршување што им се ставаат на товар на обвинетите онака како што е наведено во обвинителниот акт, а подоцна, со измените на Кривичниот законик, во обвинителниот предлог. Секако, ние сме задоволни затоа што судот донесе законита и правична одлука во секој случај, изјави Шврговски.

Сашо Мијалков, Горан Грујовски и Тони Јакимовски, обвинети во случајот „Трезор“, денеска добија ослободителна пресуда за случајот во врска со злоупотребата на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија. Поради апсолутна застареност постапката запре против обвинетиот Небојша Стајковиќ. 

Според судијката Имране Селмани, која денеска ја изрече ослободителната пресуда, обвинетите се ослободуваат од обвинение бидејќи јавниот обвинител не докажал надвор од разумно сознание дека го сториле делото за кое се обвинуваат.

На денешното рочиште судијката образложи дека во повторената постапка Обвинителството извршило измена на обвинителниот акт со кои обвинетите се гонат за злоупотребата на службената положба и овластување, но по друг став, наместо искористување на службената положба, за пречекорување на службената положба.

Ова е втора пресуда за случајот откако Апелациониот суд Скопје ги прифати жалбите на обвинетите и во 2022 година ја укина првостепената пресуда која беше донесена во 2021 година. 

Со првичната пресуда, за повеќе ставови од „злоупотреба на службената положба и овластување“ беа осудени поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кој доби единствена казна затвор во траење од осум години, а поранешниот началник на Петтата управа во Министерството за внатрешни работи, Горан Грујевски, на кој му се судеше во бегство, беше осуден на единствена казна затвор во траење од 15 години. Поранешниот помошник-министер во Министерството за внатрешни работи, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на Мијалков, добија затворски казни од по 5 години. 

Процесот го води судијката Имране Селмани, а застапник на обвинението е обвинителот Артан Ајро. ар/бак/

Остани поврзан