• сабота, 23 ноември 2024

Шаќири: Со реформите во основното образование е опфатена и наставата на турски јазик

Шаќири: Со реформите во основното образование е опфатена и наставата на турски јазик

Скопје, 18 декември 2023 (МИА) - По повод Денот на наставата на турски јазик  - 21 декември  денеска во Скопје се одржа дебата на тема „Подобрување на квалитетот на образованието на турски јазик во Северна Македонија“ во организација на Здружението на турски наставници, а со поддршка од Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во обраќање на дебатата, како што соопшти МОН, истакнал дека овозможување на правото на образование на мајчин јазик не треба да биде никаква привилегија, туку нешто вообичаено, затоа што тоа го гарантираат Уставот и законите и затоа што воспитно – образовниот процес тогаш е најефикасен и најефективен.

-Така полесно се разбираат и паметат содржините кои ги наложуваат наставните програми и учебниците. Така полесно се стекнуваат потребните вештини и сумирано, така се создаваат поквалитетни кадри и граѓани кои стекнуваат силно чувство на припадност кон државата која им го овозможила образованието на мајчин јазик, рекол Шаќири.

Тој навел дека Турците во државава се едуцираат на својот јазик уште од 1944-та година.

-Само денеска, ова право го остваруваат над 8300 ученици во основните и средните училишта во државата. Важно е што со реформите кои ги спроведуваме во моментов опфатена е и наставата на турски јазик. Па така во основното образование досега обезбедени се и нови наставни програми и учебници по турски јазик од прво до шесто одделение и овој процес етапно продолжува да се спроведува, а за три години отсега ќе биде заокружен, рекол Шаќири.

Паралелно, дополнил министерот, ги подобруваме условите за настава во сите општини и училишта, а тоа подразбира дека со инвестициски активности се опфатени и објектите во кои најголем број или сите се ученици кои припаѓаат на турската заедница во државава.

-Нема двоење и нема давање предност на една или друга заедница. Мислам дека ова веќе на сите им е јасно, затоа што веќе неколку години како Влада го градиме и се водиме по концептот дека ова општество е заедничко и обезбедува еднаквост и правичност за сите граѓани, навел министерот и потенцирал дека Министерството за образование и наука и во иднина ќе се заложува правото на образование на својот мајчин јазик да го овозможува како на сите останати, така и на граѓаните од турска националност.лв/цр

фото:МОН

Остани поврзан