• петок, 08 ноември 2024

Шаќири: Од денеска учениците од четврто, петто и шесто одделение ќе ги имаат првите дигитални интерактивни учебници

Шаќири: Од денеска учениците од четврто, петто и шесто одделение ќе ги имаат првите дигитални интерактивни учебници

Скопје, 28 декември 2023 (МИА) – Од денеска учениците од четврто, петто и шесто одделение ќе ги имаат првите дигитални интерактивни учебници, станува збор за учебници кои содржат многу мултимедијални елементи како видеа, слики, илустрации, квизови и слични содржини кои, докажано го прават учењето да биде интересно за младите, информира министерот за образование Јетон Шаќити.

Тој на денешната промоција на овие дигитални учебници истакна дека не станува збор за замена за печатените учебници, туку дека се дополнителна опција која ќе има за цел да го олесни процесот на стекнување знаења.

-Северна Македонија ги има првите дигитални интерактивни учебници, изработени за учениците од четврто, петто и шесто одделение. Тие се достапни на посебна онлајн платформа – nastava.mk и официјално можат да се употребуваат, не како замена за печатените учебници, туку како една дополнителна опција која може да им го олесни процесот на стекнување знаења. Достапни се во секое време и на секое место каде има пристап до интернет мрежа, а секој ученик сам ќе може да одлучи дали ќе користи дигитален или пак печатениот учебник кој го добил во училиштето. Или комбинирано, појасни министерот.

Додаде дека веќе е тестирана примената на дигиталните интерактивни учебници во повеќе училишта и дека реакциите на учениците и наставниците биле исклучително позитивни. 

-Јасни се придобивките и за едните и за другите. За наставниците поедноставна подготовка за часот. За учениците полесно пронаоѓање на потребните содржини во секој момент, полесно меморирање податоци и совладување на материјата, достапност на учебникот во секое време и така натаму.Ова е прва фаза од целиот процес која ја реализиравме заедно со една издавачка куќа одбрана преку постапка за јавна набавка, а во иднина како ќе се изработуваат нови наставни програми и нови печатени учебници за погорните одделенија, така тие ќе добиваат и своја квалитетна дигитална верзија,

Посочи дека дигитализација на учебниците од пониските одделенија нема да има.

-Не се одлучивме за дигитализација на учебниците од пониските одделенија. Ги почитуваме педагошките препораки, бидејќи тоа е периодот за развој на однос на децата кон книгата и пишаниот збор.Повторно да напоменам, дигиталните учебници не ги заменуваат печатените. И натаму учениците ќе си добиваат хартиена верзија во училиштата, а ова ќе биде само една дополнителна опција на располагање, заради поквалитетен образовен процес. Конечно, дигитализацијата не е прашање на избор, туку глобален тренд и стандард кој секоја земја треба да го следи, изјави Шаќири.

Во однос на проблемот со учебниците по историја и општество, министерот рече дека на почеток на јануари ќе достави до Влада предлог измени на Законот за учебници во основно и средно, според кои во ситуации кога нема пријавени рецензенти или рецензенти кои не постапуваат до крај, во тој случај да може Министерството да го вклучи Бирото со ресурсите со кои располага. свс/нд/

Фото: МИА

Фото: МИА

Остани поврзан