• среда, 25 декември 2024

Шаќири бара од БРО наставните програми за седмо одделение да бидат готови до крајот на ноември

Шаќири бара од БРО наставните програми за седмо одделение да бидат готови до крајот на ноември

Скопје, 26 октомври 2023 (МИА) – До вчера во Скопје, според информациите што ги имам, се доставени учебниците за шесто одделение, соопшти денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Од Бирото за развој на образованието (БРО) тој бара најдоцна до крајот на ноември до МОН да ги достави наставните програми за седмо одделение за да може навремено да бидат изработени и испечатени учебници за наредната учебна година.

Според Концепцијата за основно образование која од 2020 се спроведува етапно, реформата во 2024/2025 ќе ги опфати седмоодделенците кои ќе имаат нови учебници на кои им претходи подготовка на наставни програми  од БРО.

По нови наставни програми годинава учат учениците од трето и од шесто одделение. Во изјава за медиумите денеска Шаќири рече дека за разлика од наставните програми за трето, тие за шесто доцнеле од БРО и затоа се пролонгирал и процесот на изработка на учебниците, нивното печатење и дистрибуција до училиштата. Како што МОН претходно информираше, за трето одделение наставните програми биле готови лани во декември, а за шесто - во март оваа година.

-Кога стигнуваат навреме програмите, стигнуваат навреме и учебниците. Факт за тоа се учебниците за трето одделение. Кажавме дека за шесто ќе бидат на крајот на септември и почетокот на октомври, но поради некои технички проблеми не стигнавме да ги доставиме целосно во тој период. Но, ме радува фактот што доставата заврши. За одредени учебници за шесто требаше многу да се работи на графичко-техничко уредување. За еден учебник, на пример, при крај на достава авторите побараа да се направи корекција за дел од учебникот. Но, за наредната учебна година, кога ќе имаме наставни програми за само едно одделение, барам од БРО најдоцна до крајот на ноември да се достават програмите, за навремено да стигнеме како и за трето одделение, изјави Шаќири по отворањето на Спортскиот самит 2023.

Во однос на учебникот Историја и општество за петто одделение, кој во мај беше повлечен од настава поради грешки во содржината, министерот рече дека бил формиран нов авторски тим, но исто така, посочи дека во завршна фаза е ракописот за Историја за шесто одделение. Проблем за нив е немањето рецензенти.

-МОН неколку пати се обраќа до факултетите да достават рецензентска комисија и претседател за и тие учебници да бидат готови. Се работи за технички фактор – пријавување на рецензенти. Секојдневно комуницираме со универзитетите за професори да се вклучат во рецензентските тимови.  Мислам дека за брзо време Педагошката служба ќе извести и сигурен сум дека и за тие учебници ќе има рецензенти и ќе бидат завршени, додаде Шаќири. хс/лв/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан