• сабота, 23 ноември 2024

Шајн: Данското претседавање со ЕУ во 2025 година ќе ѝ помогне на Северна Македонија да напредува на патот на евроинтеграциите

Шајн: Данското претседавање со ЕУ во 2025 година ќе ѝ помогне на Северна Македонија  да напредува на патот на евроинтеграциите

Скопје, 22 мај 2024 (МИА) - Проширувањето на ЕУ ќе биде важен елемент од претседателството на Данска со Европската Унија во 2025 година. Копенхаген ќе и помогне на Северна Македонија на патот на евроинтеграциите, порача данската амбасадорка Сузане Шајн во своето пригодно обраќање по повод 30 години од Генералниот конзулат на Кралството Данска во Скопје.

- Врските помеѓу Северна Македонија и Данска се изградени врз споделени вредности, заемни интереси и заеднички видокруг за збиднувањата во светот. Клучен аспект од нашата работа при зајакнување на овие врски е да ѝ се помогне на земјата да напредува на својот пат кон ЕУ. Таа работа секако ќе ја продолжиме со новата Влада. Во оваа насока, сакам да истакнам дека Данска ќе го преземе претседавањето со Европската Унија во 2025 година, а проширувањето на ЕУ ќе биде важен елемент на нашето претседателство. Со сите ангажмани на Данска во Северна Македонија, Генералниот конзулат на Кралството Данска играше централна улога и тоа ќе продолжи да биде така, истакна амбасадорката Шајн.

Таа нагласи дека данскиот Генерален конзулат со седиште во Скопје, започнa со работа во јули 1994 година, по декрет издаден од данската Кралица Маргарете II, која за Генерален почесен конзул го назначува Трајче Мукаетов. Во 2007 година, функцијата генерален почесен конзул ја презема неговиот син Живко Мукаетов.

Апликации за визи, работни дозволи, дански пасоши, дански возачки дозволи, бегалската криза во 1999 година, влезот на Данска во Шенген зоната во 2002 година, асистенција при високи државни посети, помош при бројни предизвици со кои дански државјани се соочиле во земјава, но и промовирањето на економската соработка и данската култура во земјава, се дел од активностите кои ова Конзуларно претставништво ги работи веќе 30 години. 

Покрај јубилејот, данската амбасадорка нагласи уште еден дополнителен повод за славење - доделувањето на орден Витез од Прва класа на Редот на данското знаме за конзулот Мукаетов што претствува подигнувањето на повисоко ниво од неговото именување во Витез на Редот на данското знаме, орден што Мукаетов го доби во 2016 година.

-Оваа голема чест, беше едно од последните одликувања на Нејзиното Височество Кралицата Маргарете Втора пред нејзиното абдицирање од тронот во полза на нејзиниот син, Неговото Височество Кралот Фредерик 10ти, нагласи при одликувањето амбасадорката Шајн, која од Скопје заминува во Белгија како амбасадор на Данска. 

Генералниот конзул Мукаетов се заблагодари на неговиот тим во Конзултатот и на семејството за нивната несебична поддршка во неговата работа.

-Овде во Конзулатот ќе продолжиме со нашата работа на најдобар можен начин и како и секогаш, ќе се обидуваме да пружаме беспрекорна можна услуга на Кралството Данска, порача Мукаетов посакувајќи и на Шајн многу среќа во нејзината нова амбасадорска мисија во Белгија.

Орденот на данското знаме по прв пат бил воведен во 1671 година од страна на Кралот Кристијан V, кога редот имал само еден степен наречен Бел витез. Во 1808 година, по иницијатива на Кралот Фредерик IV, Редот на данското знаме бил поделен во четири степени, од кои првиот е резервиран за членови на кралското семејство. Ова исклучително признание, кое е едно од најстарите во светот, оддава почит за посветена работа за интересите на Кралството Данска, за заслужна државна или воена служба, за посебен придонес во сферите на уметноста, на науката или на бизнисот.

Регистарот на данските Кралски ордени на витештвото, кој се води од 1884 година содржи околу 40,000 автобиографии на одликувани лица. 

Од јуни 2023 година, Мукаетов исто така ја извршува и функцијата Конзул на Кралството Норвешка. вг/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан