• сабота, 23 ноември 2024

Шахпаска – Манастирлиу: Активацијата на пазарот на трудот и децентрализацијата на социјалните услуги клучни за успешна социјална реформа

Шахпаска – Манастирлиу: Активацијата на пазарот на трудот и децентрализацијата на социјалните услуги клучни за успешна социјална реформа
Скопје, 7 октомври 2021 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, попладнево во Тирана, оствари средба со министерката за здравство и социјални прашања на Албанија, Огерта Манастирлиу, на која, како што информираат, било разговарано за можностите за продлабочување на соработката во делот на социјалните прашања, а биле разменети искуства и за социјалните политики што двете држави ги водат за поддршка на ранливите категории на граѓани. Посебно внимание, се вели во соопштението, било посветено на потребата за децентрализација на социјалните услуги, за што е неопходна интензивна соработка со локалните самоуправи. Во тој контекст, министерката Шахпаска информирала дека преку Проектот за подобрување на социјалните услуги Министерството за труд и социјална политика веќе поддржа 19 проекти за 24 општини, со цел да се обезбеди децентрализација на социјалните услуги. - Услугата помош и нега во домот за стари лица и за лица со попреченост веќе функционира. Граѓаните се задоволни, затоа што добиваат поддршка во секојдневните активности во нивниот дом. Со овој проект низ целата држава ќе бидат опфатени 900 корисници, а услугата ќе ја даваат 300 обучени даватели на услуги, нагласи Шахпаска, додавајќи дека истовремено се работи и на отворање на дневни центри за лица со попреченост, се вели во соопштението. Албанската министерка Министерлиу, се вели во соопштението, оценила дека двете држави се соочуваат со слични предизвици кога се во прашање потребите на ранливите категории граѓани, како и лицата со попреченост. Министерлиу, исти така, посочила дека важен фокус во нивната работа е излезната стратегија за невработените лица кои примаат социјална помош. За тоа, додаде таа, неопходна е тесна соработка со Агенцијата за вработување. Двете министерки се согласиле дека за социјалната реформа да биде успешна мора да има ефикасна активација на пазарот на трудот. - Секое семејство е специфично и затоа е важна соработката меѓу Центрите за социјални работи и Агенцијата за вработување. Согласно нашата реформи, овие две институции за секое семејство кое прима гарантирана минимална помош подготвува индивидуален план кој овозможува полесна активација на пазарот на трудот, информираше министерката Шахпаска, се вели во соопштението. На крајот од состанокот министерката Шахпаска ја информираше својата колешка дека Министерството за труд и социјална политика во соработка со УНДП и Националниот сојуз на слепи разви апликација за слепите лица Аудио читач, која  им овозможува  поголема независност во нивните  активности  од секојдневниот живот. Апликацијата на македонски јазик, додаде таа, е готова и веќе слепите лица и лицата со оштетен вид ја користат, а во завршна фаза е и апликацијата на албански јазик. Таа ќе биде слободна за примена и ќе можат да ја користат и слепите лица и лицата со оштетен вид во Албанија и Косово. За таа цел, се вели во соопштението, министерката Шахпаска упатила покана до нејзината колешка Манастирлиу да присуствува на промоција на апликацијата на албански јазик, која ќе се одржи кон средината на наредниот месец, а на која ќе бидат поканети и претставници од Косово. аа/нд/

Остани поврзан