• вторник, 24 декември 2024

Шахпаска – Ди Џовани: Воспоставување на нов центар за деца со аутизам е врвен приоритет

Шахпаска – Ди Џовани: Воспоставување на нов центар за деца со аутизам е врвен приоритет
Скопје, 21 октомври 2021 (МИА) – Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска имаше средба со претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција Ди Џовани, на која станало збор за можна соработка во процесот на отворање нов Дневен центар за деца со аутизам, за којшто Министерството веќе обезбеди простор во Скопје. - Поддршката од УНИЦЕФ како наш долгогодишен партнер во областа на социјалната и детската заштита би била од големо значење за реализирање на овој проект. Согласно нашите анализи воспоставувањето на Дневен центар за деца кои се соочуваат со аутистичен спектар е повеќе од потребна. Секоја помош и поддршка е добредојдена. Верувам дека заедно со УНИЦЕФ ќе ги обезбедиме најсовремените модели и искуства од развиените земји кои би ги примениле и кај нас, изјави Шахпаска. Како што информираат од кабинетот на министерката Шахпаска, Дневниот центар за аутизам треба да биде оформен според најсовремениот модел во којшто ќе се практикува сеопфатен пристап за личен развој и рехабилитација. Пристапот вклучува специјализирани третмани и услуги на децата со аутистичен спектар на нарушување. Пристапот би бил индивидуален согласно нивните потреби, но ќе дава и поддршка на родителите на децата со аутизам. На средбата, тие дискутирале и за вклучување на децата со оштетен слух и со тешкотии во говорот во детските градинки. Тоа предвидува и обезбедување на употреба на знаковен јазик за да можат децата да бидат вклучени активно во предучилишниот воспитно образовен процес. Ди Џовани посочила дека ќе биде обезбедена најсоодветна поддршка за реализирањето на Дневниот центар за аутизам и за инклузија на децата со оштетен слух и тешкотии во говорот. Од кабинетот на министерката Шахпаска информираат дека на средбата дискутирале и за текот на процесот на воведување методологија препорачана од СЗО за процена на состојбата и потребата на лицата со попреченост, „Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје“. ки/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан