• вторник, 24 декември 2024

Шахпаска: Семејството Ангелески од Демир Хисар задоволни од услугата помош и нега во домот

Шахпаска: Семејството Ангелески од Демир Хисар задоволни од услугата помош и нега во домот
Демир Хисар, 29 септември 2021 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска во Демир Хисар ги посети Ангелина и Александар Ангелески, корисници на услугата помош и нега во домот на стари лица. Министерката Шахпаска по средбата посочи дека оваа социјална услуга придонесе за поквалитетен живот и спокојни пензионерски денови на брачните другари Ангелески кои зачекорија во деветтата деценија од животот. За семејството веќе два месеци се грижи негувателка која им помага во набавката на лекови и храна, одржување на хигиената во домот, им помага при прошетките и употребата на електронски уреди. - Како Министерство за труд и социјална политика заедно со нашите партнери успеавме да го постигнеме она за што се залагавме - нашите родители, роднини и пријатели да имаат квалитетен живот и спокојни денови во нивната старост. Степенот на развој на едно општество се мери според тоа каква е грижата за лицата од ранливите категории. Денес видов дека сме ја постигнале целта бидејќи корисниците се задоволни затоа што со помош на оваа услуга во нивниот дом заслужено ги уживаат своите пензионерски денови. Општините во реализацијата на социјалната реформа дадоа важен придонес бидејќи тие најдобро ги познаваат своите граѓани и нивите потреби. Токму ваквата соработка на централната и локалната власт придонесе да имаме двоен ефект, бидејќи освен задоволни корисници создаваме и нови работни места. На овој начин го подигнуваме квалитетот на животот на граѓаните, го зајакнуваме човечкиот потенцијал и создаваме услови за развој на општините, истакна Шахпаска. Во Општина Демир Хисар услугата помош и нега во домот ја даваат седум негувателки кои се грижат за 21 корисник над 65 години. - Со вклучување на општините се обезбедува поголема функционалност на услугите, но и поголем опфат на лица, што е крајна цел на социјалната реформа, истакна градоначалникот на Општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски кој јавно се заблагодари на министерката за реализацијата на проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка на Светска банка и има за цел да го подобри и одржи здравјето на корисникот во неговото семејно окружување преку  помош во извршување на активности од секојдневниот живот. Во рамките на проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика поддржани се 19 проекти во 24 општини. За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени околу 900 корисници. мт/мс/

Остани поврзан