• вторник, 21 јануари 2025

Шахпаска: Секој има право на достоинствен живот без оглед на возраст, пол, расна и етничка припадност

Шахпаска: Секој има право на достоинствен живот без оглед на возраст, пол, расна и етничка припадност
Скопје, 1 март 2021 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска по повод 1 Март - Денот на нула дискриминација порачува дека секој има право на достоинствен живот без оглед на возраст, пол, расна и етничка припадност или убедување. Во видео пораката, Шахпаска посочува дека Владата и Министерството за труд и социјална политика направиле сериозен исчекор во борбата против дискриминацијата. - Преку широка и отворена дебата успеавме да го усвоиме Законот за спречување и заштита од дискриминација. Законот јасно ги дефинира основите на дискриминација согласно Меѓународните конвенции и Европската регулатива. За прв пат како дискриминаторски основи ги вклучивме и сексуалната ориентација и родовиот идентитет, како дел од основните човекови права и слободи, вели Шахпаска. Таа ја потенцира транспарентната постапка за избор на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која има задача ефикасно, објективно, независно и принципиелно да работи во интерес на граѓаните. - Градиме еднакво општество за сите, водени од тоа дека секој има право на достоинствен живот без оглед на возраст, пол, расна и етничка припадност или убедување. Секој човек е различен и секој човек има право на избор. Впрочем, убавината на општеството ја прават различностите, истакнува министерката Шахпаска во видео пораката. бак/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан