• сабота, 23 ноември 2024

Шахпаска: Родова еднаквост е еднаква видливост, еднакво вреднување за вложениот труд и еднакво учество на жените во сите сфери на општествениот живот

Шахпаска: Родова еднаквост е еднаква видливост, еднакво вреднување за вложениот труд и еднакво учество на жените во сите сфери на општествениот живот
Скопје, 8 март 2021 (МИА) - Родовата еднаквост претставува еднаква видливост, еднакво вреднување за вложениот труд на жените кога имаат исти професионални квалификации и капацитет со мажите за истите работни места. Законот за родова еднаквост треба да испорача еднакво учество на жените во сите сфери на општествениот живот и рамноправно учество во семејството, креираањето политики и особено родово одговорно буџетирање, нагласи министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на 12-тото издание на „Вечери на женски права“ во организација на Институт за човекови права. Таа додаде дека останува и Законот за мобинг, на кој работната група работи. Со тоа се заокружува законската регулатива на прашањата кои се однесуваат пред се на жените. - Кругот на жени се проширува, бројот на жени кои што се подготвени да го кренат својот глас и да испорачаат правда во општеството и во родовата еднаквост секој ден станува се поголем и поголем, нагласи министерката. Притоа се осврна на веќе донесените закони како Законот за прекин на бременоста, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, последните донесени со силна поддршка и од опозицијата и власта. Шахпаска информираше дека Министерството за труд и социјална политика има подготвено драфт верзија на Закон за родова еднаквост која ќе биде испратена до Советот на Европа, Венецијанската комисија,ОБСЕ и делегацијата на Европската Комисија во нашата земја за првични коментари, а конечната верзија ќе биде испратена до јавноста за широка дебата. Таа се осврна и на периодот на пандемија, за кој кажа дека како Влада и ресорно Министерство фокусот им бил ставен на два клучни приоритети: зачувавање на секое работно место и адресирање на проблемите на ранливите категории на граѓани. Притоа ја посочи храброста и свесноста на жените и нивната подготвеност да одговорат на предизвиците кои ги донесе пандемијата. - 74 отсто здравствени работници, жени беа на фронтот со КОВИД 19, но и исто така и текстилните работнички и жените кои работат во трговијата. Сите тие свесни и одговорни за ризикот од пандемијата на кој се изложуваат, но храбри да се соочат и да се носат со неа,  потенцираше Шахпаска. Таа порача дека борбата за родова еднаквост, за еднаква плата за еднакво вложен труд, за рамноправно учество на жените во општеството е високо на агендата на Министерството за труд и социјална политика и е нешто на кое интезивно ќе се работи периодот што доаѓа.​см/скс/

Остани поврзан