• петок, 08 ноември 2024

Шахпаска: Развојот на социјалните претпријатија потврда за градење општествено одговорна економија

Шахпаска: Развојот на социјалните претпријатија потврда за градење општествено одговорна економија
Скопје, 16 април 2021 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска со обраќање го отвори годинешниот Форум на добри компании во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ и Германското  друштво за интернационална соработка (ГИЗ), соопшти МТСП. Акцентот на вториот ден од годинешниот Форум, што првпат годинава се оддржа онлајн беше ставен на социјалните претпријатија, социјалните услуги како потреби на заедницата и иновациите во оваа област. -Намалувањето  на сиромаштијата и зајакнувањето на човечкиот капитал е заедничка стратешка цел на Министерството за труд и социјална политика и Владата на Република Северна Македонија. Со реформите создаваме интегриран, транспарентен и одржлив систем на социјална заштита кој обезбедува достапни, ефикасни и квалитетни мерки и услуги, креирани да одговорат на реалните потреби на граѓаните, рече министерката во обраќањето. Таа потенцираше дека многу важен сегмент во реформските процеси е децентрализацијата на социјалните услуги. Тоа, рече, подразбира изградба на локални мрежи од социјални услуги дизајнирани според специфичните потреби на граѓаните во секоја општина. -Процесот на децентрализација овозможува и поттикнува меѓуопштинска соработка во социјалната заштита и развој на нови иновативни социјални услуги. Но, таа предвидува и мултилатерални партнерства кои што претставуваат здружување на институции и организации од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор кои имаат заедничка цел, заедно да се справат со комплексните и мултидимензионални социјални проблеми, истакна Шахпаска. Министерката посочи дека  развојот на социјалните услуги овозможува вложување во човечкиот капитал и вработувања кои одговараат на потенцијалите, афинитетите и потребите на работоспособните граѓани на локално ниво. -Реформата има значајно влијание во развојот на социјалната економија во земјата, постигнување на социјална кохезија, борба против сиромаштијата преку вклучување ранливи категории на граѓани на пазарот на трудот, унапредување на конкурентноста на економијата и подобрување на квалитетот на животот во целина, рече министерката Шахпаска. Таа истакна дека Министерството за труд и социјална политика е носител на првата Национална стратегија за развој на социјалните претпријатија чија цел е развој на одржлив еко-систем и со која се потврдува посветеноста за градење на одговорна економија насочена кон луѓето, економија која ги става луѓето пред профитот и промовира демократско управување. -Социјалните претпријатија постојат за да адресираат општествен предизвик и не се создадени со намерата да креираат профит. Тие се сликата на деловните ентитети од иднината и можностите за трансформација на економијата кон економија која решава општествени предизвици  и која се грижи за благосостојбата на човекот, порача Шахпаска. сст/скс/      

Остани поврзан