• понеделник, 23 декември 2024

Шахпаска од Велес: На 15 јули одиме напред по патот на напредокот

Шахпаска од Велес: На 15 јули одиме напред по патот на напредокот
Скопје, 11 јули 2020 (МИА) - На 15 јули, излезете и гласајте затоа што секој глас е важен. Затоа што се носат важни одлуки. Не се седи дома. Седењето дома, значи давање шанса за обнова на режимот и враќање на Груевски. Не смееме тоа да го дозволиме, порача носителката  на листа од коалицијата „Можеме“ во ИЕ 3 Јагода Шахпаска на средбите со граѓани во Велес. Таа посочи дека изминатите три години работеле посветено и сработеле многу. Истакна дека за нив секој граѓанин е важен и оти креирале политики од кои сите граѓани имаат директни придобивки. Шахпаска се осврна на растот на минималната плата од 9.000 на 14.500 денари, растот на просечната плата за околу 5.000 денари, растот на пензиите за 1.700 денари за три години, воведувањето на државната социјална пензија од 6000 денари за лицата кои не ги исполнуваат услови за редовна пензија, растот на платите на лекарите и другите здравствени работници до 40 отсто. Шахпаска истакна дека е особено горда на социјалната реформа со која социјалната помош пораснала за 300 отсто, а се зголемил и опфатот на приматели. - Влезени сме во НАТО, сигурно чекориме кон ЕУ. Граѓаните препознаваат кој вложува во државата издигнувајќи ја на ниво на европски стандарди, вложува во луѓето, а кој краде безмилосно и работи исклучиво за лични и партиски интереси. Време е за нови иницијативи на кои се обврзуваме. Во следниот мандат можеме уште повеќе да постигнеме, бидејќи ги решивме најкрупните прашања што ни стоеа на патот. Продолжуваме да вложуваме во домашната економија и да се бориме за повеќе пари да завршуваат назад кај граѓаните, нагласи Шахпаска. см/бак/

Остани поврзан