• вторник, 24 декември 2024

Шаленберг предупредува на голем миграциски бран

Шаленберг предупредува на голем миграциски бран
Виена, 6 октомври 2022 (МИА) – Шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг пред денешниот состанок во Белград предупреди дека доколку не се преземат итни мерки, следниот миграциски бран може да биде полош од оној во 2015 година. Шаленберг во Белград ќе учествува на средба со министрите за надворешни работи и за внатрешни работи на Србија, на Австрија и на Унгарија. Средбата е продолжение на неодамнешниот трилатерален Самит во Будимпешта. - Фокусот на разговорите ќе биде дополнително интензивирање на криминалистичко-полициската соработка помеѓу Унгарија, Србија и Австрија, најави Шаленберг. Тој додаде дека на средбата во Белград ќе се разговара за деталите и конкретните промени во плановите за борба против нерегуларната миграција долж балканската рута, како и за зголемена заштита на српската граница кон Република Северна Македонија, но и за усогласување на визниот режим со Србија. Австриското Министерство за внатрешни работи главните причини за зголемување на бројот на барања за азил во Австрија во изминатите месеци ги гледа пред сè во безвизниот режим што Србија го има со Индија и со Тунис. Од јануари до август, во Австрија биле поднесени 56.149 барања за азил, а бројот на баратели од Индија и од Тунис е зголемен за 20 пати. ми/

Остани поврзан