• вторник, 24 декември 2024

Чулев: Граѓаните главно го почитуваат ограничувањето за движење

Чулев: Граѓаните главно го почитуваат ограничувањето за движење
Скопје, 26 март 2020 (МИА) - Граѓаните воглавно ја почитуваат мерката за ограничување на движењето и покажуваат високо ниво на совесност, иако се забележани одредени отстапувања, изјави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вечерва за телевизија Сител. За овие пет дена, информира тој, 300 граѓани не ја почитувале мерката и против нив се преземени соодветни санкции или биле предупредени. Тој информира дека на територија на Град Скопје, каде што помалку се почитува оваа мерка е населбата Шуто Оризари каде има зголемена полициска контрола, додека на територија на државата, после Скопје на второ место е Струмичкиот регион. - МВР оваа мерка за ограничување на движењето на граѓаните ја спорведува на два начини и тоа преку пунктови (на територија на цела држава имаме 156 пунктови) и тоа се на главните сообраќајници каде што се движат возилата, додека на другите места е преку мобилни полициски патроли, вели Чулев. На подрачјето на СВР Скопје, рече тој, имаме 59 полициски пунктови и голем број на мобилни полициски патроли. Во моментов наредби за изолација има околу 1500, додека за самоизолација  8900 и ова, како што посочи, значи зголемен број на активности и обврски за припадниците на полицијата. - Како припадници на МВР ги обезбедуваме и државните карантнини. Во моментот обезбедуваме седум објекти на територија на државата во кои има сместено околу 350 македонски граѓани кои од странство пристигнале на територија на нашата држава и согласно одлуката на Влада мора да бидат задолжително 14 дена во државен карантин, информира Чулев, додавајќи оти сите полициски службеници кои се ангажирани во карантините имаат посебни безбедносни и здравствени протоколи и се таму заедно со припадниците на Министерството за здравство, имаат посебна опрема. Министерот Чулев дополни дека како припадници на МВР задолжени се за обезбедување на секој кат од државниот карантин да има по двајца полициски службеници, а задолжени се и за надворешно, односно периферно обезбедување на објектите кои се користат за државен карантин. мс/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан