• сабота, 21 декември 2024

Чуварите на украинските клучеви ... и тајни

Чуварите на украинските клучеви ... и тајни
јули 2022 Хина Јевген Јелпитифоров ги преброја клучевите од домовите на своите пријатели, кои побегнаа од Украина откако почна руската агресија, па констатираше дека ги има „вкупно деветнаесет“. Откако почна војната кон крајот на февруари, 37-годишниот биолог кој работи како градинар за да може да врзе крај со крај, на своите должности додаде уште една - чувар на клучеви. За првпат во неколкуте изминати месеци, тој ги посети уништените предградија на Буча и Ирпин и ги разгледа куќите и растенијата што сопствениците ги оставиле бегајќи од војната. - По ослободувањето, многумина мои познаници ме замолија да погледнам дали сè уште им се цели куќите, има ли на нив прозорци и врати, појасни тој. Задачата на Јевген е да влезе, да проветрее, да запали светло со цел да ги избрка ограбувачите, да го исчисти скршеното стакло, да спакува некои работи на барање на сопственикот, па да ги испрати преку пошта, но и да уреди нешто во градината. Постепено, како веста за него се прошири, растеше бројот на клучеви. Поединци клучевите ги испраќаат „преку пошта, или ме замолија да се обратам до соседите или да ги земам од под чергичето“. Гас маска за ладилник Некои од клучевите пристигнаа преку пошта со кафе или со чоколадо, како знак на благодарност, иако Јевген ја презема задачата од алтруизам. Штом се вратат, пријателите во домот ќе пронајдат некој мал дар, можеби букет цвеќе или овошје, „со цел да се чувствуваат подобро“. - И тие за мене би го сториле истото. Тоа се мои пријатели, тоа се клучеви на луѓе кои ги познавам, тврди Јевген. Понекогаш, сепак, работата му засмрдува и тоа буквално, бидејќи „најтешкото нешто“ е да се исчисти ладилникот од храна со поминат рок, особено од замрзнувачи каде сè се распаѓа затоа што куќите останале без струја. - Смрдеата е таква, што може да се онесвестиш, додаде Јевген, благодарен што некој му позајмил гас маска од советската ера. Дури и по темелно чистење, домовите и понатаму треба да се озрачат затоа што „смрдеата се задржува и останува недела, две...“ Секс играчки Пред војната, Олександр Фурман работеше како актер - двојник, а во април презеде клучеви од шест станови на свои пријатели, што сега ги надгледува. Неговата најнеобична мисија беше да тргне секс играчки, што неговата поранешна девојка и нејзиниот нов партнер ги оставиле при бегање од градот, веднаш по инвазијата на 24 февруари. - Ми рече „Па, не можам мама да ја замолам да го направи тоа“, објасни Олександр. Смеејќи се додаде дека „добро“ ги сокрил. - Имав среќа. Никој не ме застрела со огнено оружје, ниту проектил падна покрај мене, истакна тој. Помагајќи, актерот чувствува дека нему му е „должност да помогне на оние кои страдаа“. Во Ирпин, Јевген со мобилен телефон фотографираше некои растенија во саксии, во стан што гледа на училишна зграда, чиј кров е разнесен. Фотографијата ќе им ја испрати на сопствениците, кои се во странство. Од друг стан виде како сопственици поставуваат нов кров на куќа со запалени ѕидови. Јевген фотографираше млада зимзелена грмушка, од една страна силно изгорена од оганот. - Ме потсетува на украинскиот народ. Од една страна запалена е, а од друга црпи нова сила и расте, подвлече Јевген. бд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан