• понеделник, 23 декември 2024

Чолаку: По 13 години Романија и Бугарија ќе станат во целост членки на Шенген зоната

Чолаку: По 13 години Романија и Бугарија ќе станат во целост членки на Шенген зоната

Букурешт, 22 ноември 2024 (МИА) - Романија ќе стане во целост членка на Шенген зоната од 1 јануари 2025 година, изјави романскиот премиер Марчел Чолаку за време на работна посета во Будимпешта, каде имаше средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Чолаку нагласи дека Романија и Унгарија заеднички работат на европските прашања, а посебно ја истакна поддршката од Орбан за членството на Романија во Шенген. Тој додаде дека влезот на Романија и со копнените граници ќе го поттикне економскиот развој на двете земји.

Тој истакна дека Романците веќе ги почувствувале придобивките од делумниот влез во Шенген зоната, кои се „многу опипливи“, а пристапот на земјата со копнени граници, според неговите зборови, ќе придонесе за динамиката на економскиот раст и во Романија и во Унгарија .

Во Будимпешта денеска се одржаа неформални разговори на министрите за внатрешни работи на Романија, Бугарија, Унгарија и Австрија, каде беше потврдено дека двете земји ќе се приклучат кон Шенген со копнени граници во 2025 година. 

Претходно денеска, унгарскиот министер за внатрешни работи Шандор Пинтер најави дека Романија и Бугарија би можеле целосно да се приклучат на европската Шенген зона со отворени граници од јануари 2025 година.

Двете земји влегоа во Шенген зоната со нивните воздушни и поморски граници од 31 март 2024 година. ссм/

Остани поврзан