• среда, 25 декември 2024

„Читаме џез“ - секој петок музички настани со македонски и регионални уметници во „Café Literatura“

„Читаме џез“ - секој петок музички настани со македонски и регионални уметници во „Café Literatura“

Скопје, 23 февруари 2024 (МИА) - Музички настани од отворен тип со уметници од македонска и регионална музичка сцена ќе се одржуваат секој петок во просториите на „Café Literatura“ во Дајмонд Мол во Скопје. Ќе се слуша музика од најразлични жанрови, а секој втор петок домаќин ќе биде диригентот Џијан Емин.

Проектот „Читаме џез“ е резултат на партнерството меѓу „Литература.мк“ и радиото „Џез ФМ“ и истот ќе почне да се реализира вечер, со настап на Џијан Емн заедно со Гоце Стевковски на тапан, Кирил Кузманов на саксофон и флејта и Олиовер Јосифовски на контрабас.

Стефана Марковиќ од  „Џез ФМ“ на денешната средба со новинарите по повод реализација на овој проект, напомена дека целта е да се охрабрат помладите музичари, но и сите творци да продолжат да творат и да се промовираат кај нас.

-Се надевам дека ќе придонесеме кон растење на сцената и културата во Скопје, во земјава, па можеби во иднина и интернационално. Ние како  „Џез ФМ“ ќе ја чуваме традицијата на џезот, ќе се потрудиме да внесеме и новини од џез сцената, ќе воведеме исто така онлајн стрим кој што ќе биде со пет канали, за радиото да биде подостапно до сите кои што се љубители на џезот и на убавиот звук. Повеќе новости ќе стигаат понатаму, додаде Марковиќ.

Таа посочи дека Џијан Емин ќе биде домаќин на настаните два пати месечно, односно два петоци во месецот.

-Нашиот домаќин Џијан ќе претставува различни концепти и нема да биде истото секој петок. Понатаму програмата ќе се објавува навремено, посочи Марковиќ. Таа додаде дека настаните ќе бидат од отворен тип, во духот на џезот и на добрата музика и ќе започнуваат од 21 часот. 

Маркетинг менаџерката од „Литература.мк“,  Александра Лукиќ денеска рече дека главната мисија е познавачите на добриот звук да уживаат и да го осознаат влијанието на музиката и литературата во глобалната култура.

-Со „Џез ФМ“ почнуваме со новиот концепт кој го планираме многу одамна, а тоа е организација на најквалитетни музички настани со врвни уметници како и нови откритија од македонската и регионална музичка сцена. Со настанот „Читаме џез“ го најавуваме почетокот од низа музички настани кои ќе се случуваат секој петок, во новото кафуле во Дајмонд Мол, посочи Лукиќ.

Имајќи го в предвид новиот концепт, како што додаде, уште при самото формирање на кафулето одлучиле дека истото мора да биде опремено по највисоки стандарди, за посетителите да може да уживаат во квалитетни настапи и квалитетна музика, но и да бидат сведоци меѓу врската на литературата и музиката.

Диригентот Џијан Емин на средбата со новинарите потенцираше оти се надева дека со овие настани ќе создадат паралелен циклус на одлични настани од разновиден карактер.

-Поканата да бидам домаќин на настаните ја примив со огромна радост и навистина ми е чест и задоволство. Ваков тип на идеја имавме многу порано и се обидувавме во најразлични простори да можеме да ја имплементираме, но секогаш е комплицирано како тоа ќе функционира. Затоа, се надевам дека тука ќе успееме да направиме еден убав паралелен циклус на супер настани кои ќе се случуваат од најразновиден карактер и каде ќе продефилираат супер музичари од најразлични жанрови, рече Емин. бт/ев/

Фото: МИА 

 

 

Остани поврзан