• вторник, 26 ноември 2024

Читаку: Најтешка и најнеуспешна година во косовската надворешна политика од осамостојувањето

Читаку: Најтешка и најнеуспешна година во косовската надворешна политика од осамостојувањето

Приштина, 28 декември 2023 (МИА) – Потпретседателката на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), Влора Читаку оцени дека Косово ја заокружува најтешката и најнеуспешна година во надворешната политика, од прогласувањето на независноста, јави дописникот на МИА од Приштина.

Читаку на денешната конференција за медиуми изјави дека 2023 година завршува без признавања, без членство во меѓународни организации и без унапредување на агендата за евроинтеграции, како и под санкции од Европската Унија.

Таа рече дека надворешната политика на Косово ја карактеризираат „какафонија, недостаток на визија и бројни скандали“.

- Единствен успех на оваа Влада е ангажирањето советници со плати од илјадници евра месечно, без никакви резултати за Косово. Неодговорниот пристап на Владата, отворениот и јавен судир со нашите главни сојузници, доведе до намалување на амбициите за Косово од страна на посредниците во дијалогот (со Србија). И како резултат на тоа, завршивме со договор, кој не е ниту сеопфатен, ниту конечен, ниту со меѓусебно признавање во центарот. Завршивме со нацрт-статут (за Заедницата на општини со српско мнозинство) прифатен од премиерот (Албин) Курти, кој во суштина е устав за косовските Срби и создава паралелен систем во нашата Република, нагласи Читаку.

Според поранешната шефица на дипломатијата и амбасадорка на Косово во САД, „нема човек со здрав ум што би сакал ваков негативен одраз во надворешната политика“.

- Во година кога се конкретизираше процесот за зачленување во Европската унија, било со одобрување на кандидатскиот статус, или со отворање на преговорите, за Босна и Херцеговина, Украина, Грузија, Молдавија, апликацијата на Косово остана необработена и Косово продолжува да нема пристап до стотици милиони евра развојни фондови посветени на Западен Балкан, додаде Читаку.

Потпретседателката на најголемата опозициска партија во косовското Собрание рече дека ПДК понудила поддршка за меѓународното јакнење на Косово, при што нејзиниот лидер, Мемли Красниќи и други претставници на партијата, на бројни средби и посети во странство, инсистираа дека „граѓаните на Косово не треба да ја плаќаат цената на неодговорното и авантуристичко однесување на властодршците“.

- Би сакал на оваа конференција да зборувавме за други теми, бидејќи на успесите на Косово во надворешната политика треба сите да им се радуваме. За жал, и покрај сите напори да се најде макар и еден успех на Косово во надворешната политика, тоа беше невозможно. Впрочем, надворешната политика на нашата Република оваа година беше непостоечка. Следната година со одржување на нови избори ќе заврши овој деструктивен и раздорувачки менталитет на оваа Влада, заклучи Читаку.иа/сд/

Остани поврзан