• понеделник, 23 декември 2024

Чешлароска за МИА: Oчекуваме повеќе детали за вработувањата на специјализантите на утрешната средба со министерот

Чешлароска за МИА: Oчекуваме повеќе детали за вработувањата на специјализантите на утрешната средба со министерот

Скопје, 24 јули 2024 (МИА) - Приватните специјализанти ја поздравуваат одлуката на Владата за вработување на 300 специјализанти до крајот на оваа година и на уште 300 следната година, но, велат, повеќе детали очекуваат да добијат на утрешната средба со министерот за здравство Арбен Таравари. 

Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина во изјава за МИА вели дека утре во 10 часот имаат закажано средба со министерот на која се надева дека ќе добијат повеќе детали како ќе се одвива целиот процес. 

- Ние за утре имаме закажано средба со министерот за здравство Арбен Таравари, па претпоставувам дека на таа средба ќе се дискутира подетално како ќе се одвиваат тие вработувања. Прочитавме дека ќе бидат 300 оваа година, а 300 следната. Утре очекуваме да се прецизира кои ќе бидат првата група на вработувања, што ќе биде со оние колеги кои нема да бидат опфатени во првата етапа на вработување итн. Вработувањето како точка беше едно од нашите барања, но мора да видиме како ќе се одвиваат тие вработувања, на кој начин, што со оние колеги кои нема да бидат опфатени со вработувањето, дали нив ќе им бидат покачени платите и како ќе се одвива. Да видиме која е нивната замисла, рече Илиоска Чешлароска и најави подетални информации по утрешниот состанок. 

Министерот за здравство, Арбен Таравари соопшти дека на денешната владина седница е донесена одлука за вработување на 300 приватни специјализанти до крајот на годинава.

-Уште едно реализирано ветување. До крајот на годинава ќе се вработат 300, а идната година плус 300 приватни специјализанти. Денеска по предлог на Министерството за здравство, на владина седница ја разгледавме и ја усвоивме информацијата за вработување приватни специјализанти од областа на здравството, неопходни за јавните здравствени институции во РСМ за 2024 година, напиша на социјалните мрежи Таравари.

Со оваа одлука, како што посочува Таравари, Министерството за финансии се задолжува до декември 2024 година да обезбеди дополнителни финансиски средства во износ од 38.000.000 денари за вработување на 300 приватни специјализанти. 

Приватните специјализанти изминатиот период постојано бараа подобри услови за работи и повисоки примања. Тие организираа неколку протести, а во април, годинава стапија и во генерален штрајк.

Меѓу нивните барања се зголемување на платите, повторно воведување бесплатно здравствено осигурување за сите приватни специјализанти, како и регулирање на работниот статус. фф/вг/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан