• вторник, 26 ноември 2024

Чешки обвинител тврди дека експлозијата од 2014 за која се сомничат руски агенти требало да се случи вон Чешка

Чешки обвинител тврди дека експлозијата од 2014 за која се сомничат руски агенти требало да се случи вон Чешка
Прага, 19 април 2021 (МИА) – Зад експлозијата во магацинот за муниција во Чешка во 2014 година стојат истите руски агенти осомничени за обид за труење на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал во Велика Британија, но муницијата требаше да експлодира надвор од Чешка, соопшти денеска чешкиот врховен обвинител Павел Земан. - Истрагата има многу докази, но разбирливо не можеме да ги објавиме бидејќи таа е во тек, рече Земан на прес-конференција по седницата на Владата. Чешкиот премиер Андреј Бабиш изјави дека случајот е многу комплициран, но оти не станува збор за чин на државен тероризам. - Тоа беше напад врз стока во сопственост на бугарски дилер на оружје. Значи, Русија не ја нападна Чешка. Агентите ја нападнаа стоката на бугарски трговец, неговата муниција, рече Бабиш на прес-конференција. Чешкиот премиер истакна дека е неприфатливо агентите да вршат вакви операции на територијата на други суверени држави. - Неприфатливо е агентите да ја спроведоа операцијата што ја зафркнаа. Жал ми е што двајца наши сограѓани беа убиени, нагласи чешкиот премиер. Според чешката истрага, првата експлозија на муниција што бугарскиот дилер на оружје Емилијан Гебрев се подготвуваше да ја однесе, на 16 октомври 2014 година, во која беа убиени две лица, била прерана, додека втората експлозија на 3 декември се случила планирано. Иако Бабиш вети дека Владата ќе објави извештај од истрагата на полицијата и чешката служба за безбедност БИС за вмешаноста на руските агенти на ГРУ во тие експлозии, врз чија основа Чешка одлучи да протера 18 руски агенти на ГРУ и СВР од руската амбасада во Прага, денеска рече дека не е можно да се објави целиот тој доверлив извештај. Покрај тоа што Чешка во саботата протера 18 дипломати од руската Амбасада во Прага кои денеска ја напуштија земјата, Владата одлучи да ја исклучи руската компанија Росатом, чие учество го лобираше чешкиот претседател Милош Земан, од идниот тендер за дограба на чешката нуклеарна електрана Дуковани. јт/зш/  

Остани поврзан