Чешка веќе не зависи од руско гориво за двете нуклеарни централи
- За Чешка е стратешко прашање да се ослободи од зависноста од испораките од Русија. Преземаме чекори да не зависиме од руски гориво за Темелин и Дуковани. Истовремено, имаме доволно резерви за да преминеме на друго гориво, изјави синоќа чешкиот премиер Петр Фијала.
Прага, 30 март 2023 (МИА) - Чешка веќе не зависи од Русија за горивото за своите две нуклеарни централи, а од следната година, кога ќе се потрошат залихите, централите Дуковани и Темелин ќе се снабдуваат со гориво од американската компанија Вестингхаус.
-За Чешка е стратешко прашање да се ослободи од зависноста од испораките од Русија. Преземаме чекори да не зависиме од руски гориво за Темелин и Дуковани. Истовремено, имаме доволно резерви за да преминеме на друго гориво, изјави синоќа чешкиот премиер Петр Фијала.
Досега се сметаше дека нема замена за руското гориво за реакторите произведени за време на СССР, како оној во постарата чешка нуклеарна централа Дуковани, но решението го даде американската компанија Вестингхаус.
-Договорот со Вестингхаус... ќе биде на минимум седум години. Работата е во вредност од стотици милиони евра во конверзија. Американското гориво е компатибилно со руското гориво. Се разликува само во некои технички детали, изјави Богдан Зронек, директор на нуклеарниот сектор во електрокомпанијата ЧЕЗ, пренесе агенцијата ЧТК.
Научникот за нуклеарна енергија Радек Шкода изјави дека руското гориво е нешто подобро, но дека и американското гориво е безбедно и докажано, со тоа што цената за промена на добавувачот ќе биде малку поскапо гориво со малку полоши параметри.
Руската компанија ТВЕЛ, од државниот холдинг Росатом, речиси 40 години испорачува нуклеарно гориво за централата Дуковани, последната замена беше направена по рускиот напад на Украина, а договорот престана да важи откако Прага лани не го потпиша анексот за негово продолжување.
За помодерната нуклеарна централа Темелин, изградена на границата со Австрија, која има хибридна руско-американска технологија, од почетокот на 2024 година гориво ќе испорачува Вестингхаус заедно со француската компанија Фрамат. сд/