• четврток, 30 јануари 2025

Чешката полиција повторно ја отвори истрагата за смртта на Јан Масарик во 1948 година

Чешката полиција повторно ја отвори истрагата за смртта на Јан Масарик во 1948 година

Прага, 30 јануари 2025 (МИА) - Чешката полиција повторно ја отвори истрагата за смртта на поранешниот министер за надворешни работи на Чехословачка, Јан Масарик, во 1948 година, која официјално беше прогласена за самоубиство.

Радио Слободна Европа пренесува дека полицијата како основа за повторно отворање на истрагата ги наведува новите документи што ги добила од американските и француските архиви.

Овие документи фрлаат ново светло на околностите за смртта на Масарик, но не е познато дали тие обезбедуваат докази или ги идентификуваат осомничените.

Истрагата ќе ја води чешката полициска единица која се занимава со случаи од комунистичкиот период.

Телото на Масарик беше пронајдено на 10 март 1948 година, во дворот на Министерството за надворешни работи, каде што живееше, две недели откако Комунистичката партија ја презеде власта во Чехословачка.

Претставниците на комунистичкиот режим, како и некои блиски соработници на Масарик, тврдеа дека тој се самоубил, но во тоа време се веруваше дека бил убиен од чехословачката или советската тајна полиција. Некои извори наведуваат дека тој планирал да емигрира.

Имаше обид за истрага за смртта за време на Прашката пролет во 1968 година, а официјално беше повторно отворена по Кадифената револуција во 1989 година, со која беше ставен крај на комунистичкото владеење во Чехословачка. Случајот беше затворен во 2021 година без заклучок, иако убиството не е исклучено како можност.

Чешките медиуми го пренесуваат сведочењето на колегата на Масарик дека ноќта пред неговата смрт го посетиле тројца непознати мажи со кои се расправал.

„Ќе потпишам сè, но не ова. Ќе направам се, но ова ќе се случи само преку мене мртов“, рекол Масарик на 9 март 1948 година, според неговиот колега.

Масарик, син на првиот претседател на Чехословачка Томаш Масарик, беше министер за надворешни работи во воената влада во егзил и по ослободувањето на Чехословачка во 1945 година. Тој не поднесе оставка ниту по државниот удар во февруари 1948 година во кој комунистите ја презедоа власта.сд/

фото:Х

Остани поврзан