• вторник, 24 декември 2024

Јовановиќ за МИА: Буџетот е нереален и не одговара на моменталната криза

Јовановиќ за МИА: Буџетот е нереален и не одговара на моменталната криза

Скопје, 16 ноември 2023 (МИА) - Предлог-буџетот за 2024 година е нереален и не одговара на моменталната криза, оценува професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Во изјава за МИА, Јовановиќ вели дека макроекономските и приходните проекции се преоптимистички. 

- Се проектира раст на БДП од 3,4 проценти, што е многу повисоко од сите меѓународни институции. Нашиот Институт, на пример, прогнозира раст од 2 проценти, а Светска Банка од 2,5 проценти. Инфлацијата, пак, се проектира на 3,6 проценти, што е прениско – нашиот Институт проектира 5 проценти инфлација, а Народна Банка 4 проценти. Дури и да се прифатат овие макроекономски проекции, проекциите за буџетските приходи се превисоки. При номинален раст на БДП од 7 проценти (3,4 проценти + 3,6 проценти), се проектира раст на приходите од 10 проценти, што не гледам како може да се случи, кога нема планирано никаква даночна реформа, појаснува Јовановиќ за МИА. 

Предвидениот раст од пет проценти кај социјалните трансфери, според Јовановиќ, е недоволен во услови на моменталната криза.

- Инфлацијата оваа година ќе биде околу 10 проценти, лани беше 14 проценти, десетици илјади луѓе западнаа во сиромаштија поради овие поскапувања, а социјалните трансфери се зголемуваат за само 5 проценти. Нема детали за да се види колку ќе се зголемат платите, колку пензиите, колку социјалната помош, ама пет проценти е апсолутно премалку и недоволно за да се спречи сиромаштијата да продолжи да расте, истакнува Јовановиќ.

Ако сакате да ја поттикнете економската активност мора да ја стимулирате потрошувачка, тоа е еден од основните постулати за справување со секоја криза, порача вечерва поранешниот советник во

Нереално проектирани се и капиталните расходи, кои во Предлог-буџетот се на ниво од 730 милиони евра.

- Капиталните расходи се проектирани на 730 милиони евра, што е малку пониско од ланските 800 милиони, ама е сепак крајно нереално. Македонија не успева да реализира 730 милиони јавни инвестиции во две години, а не пак во една, посочува Јовановиќ. 

Владата вчера го презентираше Предлог-буџетот за 2024 година кој тежи 5,5 милијарди евра, окарактеризаирајќи го како развоен и одржлив. Расходната страна е проектирана на 343,6 милјарди денари или за 5,8 проценти е повисока во однос на 2023 година, а приходите на 310,1 милјарда денари и се повисоки за 10 проценти. Буџетскиот дефицит е за околу 9,2 милјарди денари понизок во однос на 2023 година што, според Владата, ќе значи помало задолжување за 150 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 3,4 проценти од БДП, а инфлацијата на 3,6 проценти. бак/лв/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан