„Часот на планетата земја“ - момент на солидарност за луѓето и планетата
- Повеќе од 190 земји ширум светот ќе ја дадат својата поддршка, испраќајќи порака за зачувување на планетата Земја – единствениот дом кој сите го делиме, на утрешниот „Час на планетата Земја“
Скопје, 25 март 2022 (МИА) - Повеќе од 190 земји ширум светот ќе ја дадат својата поддршка, испраќајќи порака за зачувување на планетата Земја – единствениот дом кој сите го делиме, на утрешниот „Час на планетата Земја“ кога повеќето земји ќе ги изгаснат светлата во име на најголемата светска еколошка акција.
Оваа година „Часот на планетата земја“ се одржува во сенка на тековниот конфликт во Украина, со порака за солидарност за луѓето и за планетата.
Во мрак утре во 20:30 часот по локално време, меѓу другите ќе потонат Сиднејската опера во Австралија, Христос Спасителот во Бразил и Емпајер Стејт Билдинг во Америка.
Локалната канцеларија на „Часот на планетата Земја“ во С Македонија се придружи кон одлуката на голем број земји ширум регионот, Европа и светот, да не го одржи едночасовното исклучување на осветлувањето.
- Сметаме дека сега не е моментот климатските промени да бидат ставени во фокусот, па поради тоа локалната канцеларија на Часот на планетата Земја во Македонија се придружи кон одлуката на голем број земји ширум регионот, Европа и светот, оваа година во знак на поддршка и солидарност на тековната светска криза да не го одржи едночасовното исклучување на осветлувањето и прославата на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја, велат од локалната канцеларија.
Дополнуваат дека „Часот на планетата Земја“ отсекогаш имал славенички тон и ги повикувал луѓето да учествуваат во обединување за спас на природата и планетата Земја, меѓутоа, оваа година, како што велат, како одговор на конфликтите во Украина, „нашиот тон е сочувствителен, обединувајќи се во глобална солидарност“.
Часот на планетата Земја е предводник на глобалното движење за животна средина на WWF. Започната во Сиднеј во 2007 година, „Часот на планетата Земја“ стана еден од најголемите движења во светот за животната средина, инспирирајќи ги поединците, заедниците, бизнисите и владите во повеќе од 180 земји и територии ширум светот да преземат активности за спас на животната средина. ар/са/