Часовникот на судниот ден поместен на само 85 секунди до светска катастрофа
- Лани стрелките беа поставени на 89 секунди до полноќ, што во тоа време претставуваше рекордна близина до пропаста.
Вашингтон, 29 јануари 2026 (МИА) - Стрелките на познатиот часовник на судниот ден, симболичен индикатор за заканата за светот и човештвото, се поместени на 85 секунди до полноќ. Тоа е најблиската точка до целосна катастрофа во речиси 80-годишната историја на ова предупредување.
Полноќ на овој симболичен часовник ја претставува точката на целосно уништување на човековата цивилизација. Научниците кои одлучуваат за часовникот предупредуваат дека светот никогаш не бил во толку ризична состојба. Оваа нивна одлука ги одразува растечките закани со кои се соочува човештвото - од нуклеарно оружје и климатски промени до развој на вештачка интелигенција и други технологии што може да имаат катастрофални последици. Предвидувачите исто така го наведоа постојаното ширење дезинформации и теории на заговор како дополнителни егзистенцијални предизвици.
Часовникот во 2023 и 2024 година стоеше на 90 секунди до полноќ, но лани стрелките беа поставени на 89 секунди до полноќ, што во тоа време претставуваше рекордна близина до пропаста.
Меѓу најважните опасности со кои се соочуваат луѓето денес се нуклеарната закана, климатската криза, биолошките опасности, но и развојот на деструктивни технологии, а тука ВИ сѐ почесто се зема предвид.
- Човештвото не постигна доволен напредок во однос на егзистенцијалните ризици што нè загрозуваат сите. Часовникот на судниот ден е комуникациска алатка што покажува колку сме блиску до самоуништување преку технологиите што ги создадовме - изјави Александра Бел, претседател и извршен директор на „Билтенот на атомските научници“, објаснувајќи ги причините за промената на часовникот оваа година.
- Опасностите со кои се соочуваме постојано се зголемуваат. Секоја секунда е драгоцена и ни истекува времето. Тоа е суровата вистина, но и наша реалност! - предупреди таа.
„Билтенот на атомските научници“ е создаден 1945 година како непрофитна организација основана од група научници вклучени во тајниот „Проект Менхетен“ за развој на атомската бомба за време на Втората светска војна. Иако првично насочен исклучиво на нуклеарната закана, во 2007 година „Билтенот“ ги вклучи и климатските промени во своите процени препознавајќи ги како еднакво сериозен ризик за опстанокот на човештвото.
Сепак, враќањето на часовникот е сè уште можно ако се преземат смели и суштински мерки. „Ние во 'Билтенот' веруваме дека луѓето, откога ги создадоа овие закани, имаат моќ и да ги намалат. Но, тоа не е лесно и никогаш не било. Потребни се сериозна работа и глобален ангажман на сите нивоа на општеството“, соопштуваат од научната установа.
Часовникот најдалеку од полноќ на судниот ден беше во 1991 година - 17 минути до предвидената можна катастрофа. Тоа е така откога администрацијата на тогашниот американски претседател Џорџ Буш Постариот го потпиша договорот за намалување на стратешкото оружје со Советскиот Сојуз, што се совпадна и со повеќегодишниот пад и со пропаста на Источниот блок. си/ссм/
Фото: МИА архива