• сабота, 23 ноември 2024

ЦУК со апел за внимателно возење и препораки до населението во очекување викендов на обилни врнежи од снег

ЦУК со апел за внимателно возење и препораки до населението во очекување викендов на обилни врнежи од снег

Скопје, 19 јануари 2024 (МИА) - Центарот за управување со кризи (ЦУК)  по најавите од УХМР викендов за обилни врнежи од снег и студено време со значителен пад на температурите апелира до граѓаните за внимателно управување со возилата поради можна непроодност на патиштата во повисоките предели.

-Граѓаните да патуваат внимателно во текот на утрешниот ден и в недела, ако тоа е неопходно, со доволно гориво во резервоарите, а секако и со соодветна зимска опрема за возилата на повисоките места и планинските превои, бидејќи е можно да се формираат навеви од снег и патните правци во одреден временски период  да бидат непроодни на повисоките делници, наведуваат од ЦУК.

Воедно, до луѓето кои живеат во повисоките места, потсетуваат дека навремено треба да се снабдат со основни намирници (храна и лекови) и се препорачува внимателно движење на граѓаните пеш, бидејќи е можна појава на голомразица.

Според временска прогноза од Управа за хидрометеоролошки работи, во текот на утрешниот ден времето ќе биде облачно и студено со врнежи претежно од снег. Врнежите наместа ќе бидат пообилни, особено во западните делови. На планините ќе се формира значителна снежна покривка од над 30 см, а во пониските места од 3 до 10 см. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, особено покрај Повардарието и температурите значително ќе опаднат, а ќе има и појава на голомразица. 

Од ЈП „Македонија пат“, вечерва информираа дека сообраќајот на државните патишта засега се одвива тековно во зимски услови, по наместа влажни коловози. На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони поради што апелираат на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот. Дежурните екипи на ЈП МАКЕДОНИЈАПАТ се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни, наведуваат од јавното претпријатие. вг/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан