ЦУК: Изминатото деноноќие 20 пожари на отворено, три се уште активни
- Изминатото деноноќие на Единствениот број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК) регистрирани се 20 пожари на отворено, од кои три се уште се активни.
Скопје, 12 април 2024 (МИА) - Изминатото деноноќие на Единствениот број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК) регистрирани се 20 пожари на отворено, од кои три се уште се активни.
-Регионалниот ЦУК Штип информира дека пожарникарите од ТППЕ Македонска Каменица вчера во 12:00 часот имале интервенција на шумски пожар во атарот на село Дулица каде што горела дабова и мешана шума. На терен биле излезени повеќе екипи: тројца пожарникари со едно возило, четворица шумарски работници со едно теренско возило, од ЈП „Национални шуми“ - подружница „Голак“ од Делчево со пет вработени, од ТППЕ-Виница и доброволно друштво со две возила и шест доброволции, од ТППЕ-Кочани заедно со доброволно друштво со едно возило и пет доброволци. Во 19:30 часот, пожарот беше локализиран. Сите екипи биле повлечени од местото на настанот за во утринските часови денеска, да излезат на терен за догаснување на локализираниот шумски пожар. Опожарена била површина од околу 30 хектари, соопшти утрово ЦУК.
Од Регионалниот ЦУК Тетово известиле дека вчера од доцните попладневни часови имало шумски пожар на висок и непристапен терен над село Ѓермо, каде што горела дабова шума, лисја и ниска вегетација. Од Национален парк „Шар Планина“ не можеле да интервенираат на пожарот заради настапувањето на ноќта. Од ЦУК велат дека во текот на денешниот ден планирано е да интервенираат, ако во текот на ноќта не се самоизгасне.
-Во 20:35 часот на 112 во ЦУК добиена е пријава за пожар и над село Селце, при што веднаш е известен НП „Шар Планина“. ЦУК беше известен со повратна информација дека од Националниот парк во текот денешниот ден ќе интервенираат ако во текот на ноќна пожарот не се самоизгасне, се наведува во соопштението.
Од ЦУК соопштуваат дека изминатите 24 часа имало вкупно 1 959 повици на бројот 112 , од нив „реални“ биле 54,47 проценти од повиците, а 45,53 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 54 отсто, кон итната медицинска помош 39 проценти, а кон пожарникарите 6,45 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
ЦУК апелира да не се пали вегетација на отворено, редовно да се чистат локалните одводни канали и да не се фрлаат отпадоци во нив. дма/са/
Фото: МИА архива