• среда, 27 ноември 2024

ЦУК го претстави системот НИКС со кој се дигитализира следењето на состојбата со пожарите

ЦУК го претстави системот НИКС со кој се дигитализира следењето на состојбата со пожарите
Скопје, 9 август 2021 (МИА) - Центарот за управување со кризи на денешната прес-конфернеција го претстави системот НИКС (Следна генерација на систем за командување), што претставува посебен систем за командување во итни ситуации, којшто всушност ги дигитализира сите податоци од терен, со цел да бидат регистрирани во централата од кадешто раководи со состојбите Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК. - Преку овој систем имаме просторно прикажување на ситуацијата на терен одосно, членовите на Главниот штаб на едно место на екран ги гледаат сите податоци, гледаат на кои места имаме активен пожар, гледаат каков е неговиот интензитет, гледаат каде има изгаснат пожар, за којшто постои можност повторно да се реактивира. Како што веќе во повеќе наврати кажавме изгаснатите пожари понатаму претставуваат опасносат бидејќи доволно е само малку ветер и повторно на истото место истиот да се разгори. Сите податоци од терен ги имаме на едно место, тоа помага на Главниот штаб да носи квалитетни одлуки, да врши подобра координација на силите на терен, наведе директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, додавајќи дека в среда ќе се одржи детална презентација на системот. Зборувајќи за критиките за нивното работење упатени од опозицијата, Ангелов повика на седниците на Главниот штаб да присуствува и претставник од Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. - Бидејќи постојано сме предмет на критики од страна на опозицијата, поканувам претставник на Комисијата за одбрана од Собранието, да дојде и да присуствува на седниците на Главниот штаб. Отворена покана до ВМРО-ДПМНЕ, нивен претставник од Комисијата за одбрана и безбедност да дојде и да присуствува и одблиску да ја набљудува работата на Главниот штаб. Можеби тоа ќе помогне и тие да видат дека работата не е стихијна, дека имаме целосна контрола, рече Ангелов. Директорот на ЦУК нагласи дека во овој момент треба сите да се солидализираме и секој кој колку може да помогне да се изгнасат овие пожари. - Од нашата перцепција сметаме дека свеста за пожарите кај граѓаните е значително зголемена, благодарение на медиумите. Граѓаните сфатија каква е опасноста. Полицијата активно работи на терен и добиваме и пријави за лица кои што одат намерно да запалат пожар. Веќе неколкумина беа уапсени, за неколку пожари ги знаеме и причините. Тоа помага да се намали бројот на пожари. Постојано треба да се апелира за општите мерки за безбедност, рече Ангелов. см/сп/

Остани поврзан