• четврток, 05 септември 2024

ЦУК: Активни пожари во Петровец, Чучер-Сандево, Прилеп, Чашка, Штип и Долнени

ЦУК: Активни пожари во Петровец, Чучер-Сандево, Прилеп, Чашка, Штип и Долнени

Скопје, 4 септември 2024 (МИА) - Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека вечерва, до 19:00 часот, има вкупно 26 пожари на отворен простор, од кои 18 се изгаснати, а активни се осум. Во скопскиот регион има два активни пожара, во општина Петровец, кај селата Градманци, Брезница и Катланово, каде гори нискостеблеста шума и во Општина Чучер-Сандево, кај селото Танушевци, во месноста викана „Рамно“, каде гори мешана шума. 

Активни пожари има и во Општина Прилеп, кај селата Пештани - Кокре – Кален – Дуње – Бонче – Крушевица – Волково. Од ЦУК посочуваат дека пожарот се шири на три крака: село Бонче кон село Крушевица, превој Слива кон село Чумово и кон село Пештани. Во овој пожар зафатена е нискостеблеста вегетација.

Во Општина Чашка, на планината Мукос, кај село Степанци пожарот е ставен под контрола, а активен е кај село Оморани и месноста викана „Кадиица“ – село Ораов Дол. Активни пожари има и во Штип, кај селата Хаџи Хамзали – Едеклерци – Топлик, во близина на полигонот Криволак, во Општина Долнени, кај село Десово, во близина на ресторанот „Романса“ на стариот пат Прилеп – Битола и на местото викано Дервен во близина на планинарски дом Дервен. 

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов информира дека во скопското село Катланово на терен се екипи на БППЗ Скопје и додаде дека викендиците ќе бидат, како што рече, одбранети од пожарот.

Изгаснати пожари има во општините Брвеница, Јегуновце, Старо Нагоричане, Прилеп, Штип, Кисела Вода, кај булеварот „Борис Трајковски“ кај Расадник, Студеничани, Карпош, Неготино, Куманово, Врапчиште, Крушево, Демир Хисар, Гостивар. мд/аа/

Фото: ЦУК 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан