• вторник, 24 декември 2024

Црна Гора почнува своја вселенска програма

Црна Гора почнува своја вселенска програма

Подгорица, 26 јануари 2023 (МИА) - Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ на денешната владина седница најави дека Црна Гора покренува своја вселенска програма.

- Црна Гора покренува своја вселенска програма и започнува со развој на сателитот Луча кој треба да биде лансиран во вселената. Ова ќе биде финансирано од Фондот за иновации. Не се работи за големи средства, меѓутоа бара многу работа. Но, Црна Гора ќе отвори уште една перспектива, а тоа е да стане нација која ќе учествува во активностите на другите земји во светот, рече Абазовиќ.

Тој најави и дека ќе ги поддржи иноваторите со пари од економското државјанство.

- Државата не сака да препушти сè на ентузијастичките млади луѓе, туку и да ги поддржи. Се надевам дека нашиот Луча гордо ќе служи во догледна иднина. Нашиот сателит ќе биде во орбитата како сателитите на многу земји, рече тој. 

Црногорскиот премиер вели дека најголемата пречка за иноваторите е администрацијата која ќе треба да се усогласи.

Тој додаде дека очекува црногорскиот сателит со помали димензии за краток рок да биде во вселената.

 

Остани поврзан