• понеделник, 16 декември 2024

ЦИВИЛ со осуда за палењето знамиња и политичкото профитерство

ЦИВИЛ со осуда за палењето знамиња и политичкото профитерство

Скопје, 29 ноември 2024

ЦИВИЛ – Центар за слобода остро и недвосмислено ги осудува инцидентите со палење на државното знаме во кои беа инволвирани млади луѓе, вклучително и малолетници, под влијание на опасната националистичка реторика. Овие дела не само што симболизираат деструктивност и непочитување на принципите на соживотот и мултикултурализмот, туку и ја продлабочуваат омразата и поделеноста во нашето општество. 

Длабоко вознемирувачки е да се биде сведок на вакви инциденти, но уште посериозно е тоа што се врши експлоатација на младите за ширење на деструктивни идеологии. 

ЦИВИЛ ги повикува сите одговорни институции, лидерите во заедниците, но и родителите, просветните работници, граѓанските организации и сите одговорни и достоинствени луѓе да преземат итни мерки за промовирање на толеранцијата и да преземат итни чекори за интензивна едукација против омразата по било која основа. Општеството и државата се обврзани да го заштитат правниот поредок и да ги земат на одговорност сите прекршители на законот. Истовремено, институциите и општествените чинители имаат обврска да ги заштитат децата и младите од штетната пропаганда.

ЦИВИЛ ги осудува и политичките профитери кои, наместо да понудат решенија, ги искористија инцидентите со палењето на македонското знаме за дневни политички поени, во изјави што содржат осуда, но истовремено упатија и инфламаторни, поларизирачки пораки. Тоа придонесе кон одговор од „другата страна“ и дополнителни инциденти со палење на албанското знаме, но и насилство во кое, според досега познатите податоци, еден млад човек беше претепан. 

ЦИВИЛ во своето 25 годишно постоење континуирано работи на унапредување на мултикултурализмот и почитувањето на различностите во земјата, во регионот и глобално. По повод овие инциденти, ЦИВИЛ бара од сите релевантни чинители итно да преземат чекори за зајакнување на напорите за промовирање на меѓуетничката и меѓукултурната толеранција, преку сеопфатна едукација и поддршка на младите за отфрлање на реториката на омраза. Граѓанското општество, образовните институции, и медиумите мора да соработуваат за да создадат амбиент во кој младите ќе бидат ослободени од влијанието на деструктивните пропаганди.

Истовремено, ЦИВИЛ инсистира на правна и институционална реакција кон сите кои поттикнуваат или учествуваат во акти на омраза, вклучувајќи ги и оние кои ги злоупотребуваат инцидентите за политичка манипулација и поларизација. Само преку обединување на сите чинители, може да се спречат понатамошни насилства и да се заштитат вредностите на мултикултурализмот, соживотот и демократските вредности.

 

ЦИВИЛ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан