Цивилна одбрана во Газа: Во израелските напади загинаа 85 наши вработени
- Управата за цивилна одбрана во Појасот Газа објави дека 85 нејзини вработени биле убиени, а 56 возила и 17 канцеларии биле уништени во нападите извршени од Израел од 7 октомври 2023 година.
Газа, 18 ноември 2024 (МИА) - Управата за цивилна одбрана во Појасот Газа објави дека 85 нејзини вработени биле убиени, а 56 возила и 17 канцеларии биле уништени во нападите извршени од Израел од 7 октомври 2023 година.
Во соопштението на Управата се наведува дека во нападите на Израел врз Газа од минатата година, покрај 85 загинати вработени во цивилната заштита, повредени се 301 лице, додека 20 лица се приведени од израелски војници.
При нападот целосно се уништени 14 штабови и канцеларии на Управата, а три се делумно уништени.
Израелската армија, исто така, гаѓаше возила на тимовите за цивилна заштита, уништувајќи 56 возила, вклучително и противпожарни, спасувачки, цистерни за вода, брза помош и административни возила, а 40 станаа целосно неупотребливи.
Центрите за цивилна одбрана беа директно погодени шест пати за време на нападот, а тимовите беа цел 17 пати за време на теренските мисии. Овие напади предизвикаа штета од 1,3 милиони долари.
Во соопштението се нагласува и дека израелската армија целосно го оневозможила системот за цивилна одбрана на северот на Појасот Газа и насилно испратила тимови во централниот и јужниот дел на Појасот Газа. мс/
фото: МИА архива