ЦЕФ, Љубљана: Народната банка е одличен пример во регионот
- ЦЕФ гледа на пристапот на Народната банка како на одличен пример за многу други институции во регионот, вистински центар на знаење. Концепт што се трудиме да го промовираме преку нашата работ
Скопје, 5 јуни 2021 (МИА) - ЦЕФ гледа на пристапот на Народната банка како на одличен пример за многу други институции во регионот, вистински центар на знаење. Концепт што се трудиме да го промовираме преку нашата работа, истакна Јана Репаншек, директорка на Центарот за извонредност во финансиите од Љубљана.
-На нашата неодамнешна сесија со цел да добиеме увид во успешните институции низ ЈИЕ, ни беше чест да бидеме домаќини на тимот на Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ), се наведува во соопштението на ЦЕФ, Љубљана.
Покрај вицегувернерката на Банката, Ана Митреска, на настанот учествувале и нејзините колеги од Дирекцијата за управување со човечките ресурси, Функцијата за стратегија и оперативни ризици и Отсекот за меѓународни односи во Кабинетот на гувернерот.
Митреска ги истакнала клучните точки коишто се предуслов за институциите и земјите да растат на одржлив, паметен и инклузивен начин.
-Основен предуслов за сето ова е да се има висококвалитетен човечки капитал со знаење, вештини и суштински вредности за соработка, толеранција и разбирање за различностите. Друга клучна потреба за зголемување на потенцијалниот раст е фокусирање на димензијата за квалитет на работната сила, нагласила таа.
-Како и безброј други институции во регионот и НБРСМ се соочи со потребата од приспособување на работната средина на новите околности, што ги наметна пандемијата на КОВИД-19. Но, брзото прифаќање на новата работна реалност немаше да биде можно без нејзините луѓе. Токму инвестирањето во човечкиот капитал, што се направи во последните неколку децении, ги овозможи ваквите промени. Корпоративната култура којашто внимателно ја негуваат како централна банка, традиционално е ориентирана кон инвестирање во знаењата, вештините и потенцијалите на своите вработени. Можноста вработените постојано да ги надградуваат своите знаења, критичкото размислување и своите вештини додека се поврзуваат со своите врсници низ целиот свет, е еден од темелите за институцијата да стане „посакуван работодавeц“ за младите таленти, се вели во соопштението на НБРСМ.
-Исклучително сме горди што за НБРСМ, ЦЕФ е еден од нејзините главни партнери во размената на знаењата и професионалното искуство во последните дваесет години. Ние сме, исто така, благодарни на целиот персонал на Банка што препозна дека „ЦЕФ, дури и пред појавата на неодамнешната здравствена криза, започна големи промени, со помош на новите алатки за дигитализација, кои овозможуваат процесот на учење да стане поинклузивен и интерактивен. Кампусот за далечинско учење и понудените мешани курсеви се пример кој се покажа како визионерски и критичен во пандемијата од 2020 година, овозможувајќи непречено продолжување на процесот на учење, се вели во соопштението.
Директорка на ЦЕФ, Јана Репаншек истакнала дека со нетрпение очекуваме да работат со експерти од НБРСМ за подигање на свеста за важноста на стратегиските инвестиции во човечкиот капитал.
-Среќни сме што имаме партнер кој заедно со нас ја потврдува потребата на институциите да се фокусираат на она што го препознаваме како 6 градежни блокови за да станеме и да бидеме организација за учење: владеење и култура, партнерство, фондови за учење и споделување na знаењето, стекнување, покривање и споделување на знаењето, комуникација во врска со учењето, и последно, но не и помалку важно, следење и евалуација., додала Репаншек. ац/