• сабота, 23 ноември 2024

Централен регистар: Барањето на здружението „Цар Борис Трети“ одбиено поради недоставување на бараните документи во законскиот рок

Централен регистар: Барањето на здружението „Цар Борис Трети“ одбиено поради недоставување на бараните документи во законскиот рок

Скопје, 16 март 2023 (МИА) - Централниот регистар попладнево соопшти дека е донесено решение со кое барањето за усогласување од страна на здружението „Цар Борис III“ од Охрид е одбиено бидејќи во законски предвидениот рок не се доставени бараните документи. 

- Централниот регистар во текот на денешниот ден донесе Решение со кое барањето за усогласување од страна на  Здружението Цар Борис III од Охрид го одби, од причина што од страна на  Здружението Цар Борис III од Охрид до Централниот регистар во законски предвидениот рок од 30 дена не се доставени бараните документи дадени во известувањето во согласност со Законот за здруженија и фондации, се наведува во соопштението на Централниот регистар.

Оттаму додаваат дека за донесената одлука ќе го известат Министерството за правда.

За културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, кој немаше поднесено барање за преименување согласно измените на Законот за здруженија и фондации, денеска Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употреба на името Иван Михајлов

-Комисијата за употреба на имиња на личности смета дека именувањето на здружението Иван Михајлов е провокација за националните чувства на македонскиот народ имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество, се наведува во соопштението.

Заклучокот од седницата треба да биде проследен до министерот за правда, кој ќе треба да донесе одлука врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата.

Согласно Законот за здруженија и фондации, што беше донесен по скратена постапка во ноември 2022, бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување. Рокот за поднесување на барањето истече на 16 февруари.

Согласно измените на Законот за здруженија и фондации се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда. бак/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан