• вторник, 24 декември 2024

Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип ја промовираше веб-страницата

Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип ја промовираше веб-страницата

Штип, 11 ноември 2022 (МИА) -  За програмата, проектите и инвестициите на Центарот за култура  „Ацо Шопов“ – Штип, граѓаните од денеска може да се информираат на неговата нова веб-страница.

Директорот Горан Трајков денека на прес-конференција посочи дека новата веб-страница ги  содржи настаните и активностите коишто тековно се реализираат во зградата на Центарот на култура и зградата на театарот, но исто така дава информации и за резервацијата на билети, месечните и годишните сметки на институцијата и инвестициите кои се реализирани.

-Имаме како да се набави билет, имаме телефонски броеви. Во делот за нас имаме директор, вработени и документи. Во документи се завршните сметки на Центарот за култура од 2020 година. Важно е да бидеме транспарентни, отворени и отчетни и граѓаните да знаат како се трошат парите коишто ги имаме од продажба на билети и коишто ни ги доделува Министерството за култура. Во последниот дел го имаме Актантот, тоа е месечникот којшто излегува во рамки „Штипски глас“, месечен весник, рече Трајков.

Информациите за активностите коишто се реализирани или за коишто ќе следува реализација тековно ќе се менуваат. Дополнително, страницата и ќе се надградува, со тоа што во иднина би постоела и можноста за купување онлајн билети, што засега е покомплесен процес.

-Размислуваме како да го воведеме. Правилата се построги, ние мора да обезбедиме внатрешен правилник како тоа ќе се одвива, како сите работи ќе ги прецизираме за да можеме да воведеме онлајн купување билети. Засега одиме со стариот начин на купување билети, додаде Трајков.

Посочи дека постоењето на една ваква мрежа е од особено значење, бидејќи на граѓаните им се претставува функционирањето на институцијата, а сето тоа е во насока на транспарентност и засилена отчетност.

-Важно е затоа што мислиме дека мора да бидеме со отворени информации и податоци за нашата работа. Ние остваруваме култура, а тоа ја вклучува и културата во јавното информирање, така граѓаните ќе имаат целосен увид во нашата работа, истакна Трајков.

Ова е прва веб-страница на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип. Информирањето досега беше преку социјалните мрежи. вдј/хс/

Остани поврзан