• понеделник, 23 декември 2024

Цените на нафтата минатата недела се зголемија за осум отсто поради ескалацијата на Блискиот Исток

Цените на нафтата минатата недела се зголемија за осум отсто поради ескалацијата на Блискиот Исток

Лондон, 7 октомври 2024 (МИА) - На светските пазари, цената на нафтата скокна за повеќе од осум отсто минатата недела, бидејќи трговците стравуваат оти ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток може да предизвика прекини во снабдувањето од регионот богат со нафта.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела порасна за 8,5 отсто, на 78,05 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 9,1 отсто, на 74,38 долари.

Најголемиот неделен скок на цените во повеќе од една година главно се должи на ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, откако Иран во вторникот истрела низа ракети врз Израел како одмазда за израелската офанзива против сојузниците на Техеран, Хезболах во Либан.

Израел рече дека ќе му одговори на Иран, додека Вашингтон го поддржа во тоа. Сепак, американскиот претседател Џо Бајден рече дека не поддржува напад врз иранските нуклеарни локации како можен одговор.

Затоа пазарот шпекулираше дека Израел може да ги нападне иранските рафинерии или главниот извозен терминал на островот Харг со цел да ги намали приходите на Техеран од извозот на деривати.

Доколку Израел го нападне, Иран најверојатно ќе возврати со напади врз израелските енергетски и гасни постројки, објавија во петокот иранските медиуми.

Иран е членка на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и произведува околу 3,2 милиони барели дневно, што одговара на околу три отсто од глобалното производство.

Се уште се чека одговорот на Израел. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан