• вторник, 24 декември 2024

Цел ден собраниска дебата за аерозагадувањето, седницата прекината без гласање

Цел ден собраниска дебата за аерозагадувањето, седницата прекината без гласање
Скопје, 27 јануари 2020 (МИА) - Пратениците вечерва не гласаа за Информацијата за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија, поднесена од ВМРО - ДПМНЕ. Седницата е прекината и, како што најави потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, дополнително ќе биде закажана. Расправата во попладневниот дел продолжи како што почна претпладнето - со меѓусебни обвинувања. Пратениците од владејачкото мнозинство ја квалификува Информацијата како груба манипулација и дезинформација, како политички памфлет во кој освен голи фрази не може да се сретне ништо друго. Отсуствуваат бројки, рекоа, извори на податоци и споредбени анализи. ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара СДСМ да им се извини на граѓаните зашто не го исполнила ветувањето - дека веднаш ќе го реши проблемот со аерозагадувањето кога ќе дојде на власт. Ставот на власта го бранеше заменик - министерот за животна средина Јани Макрадули. Тој остана на тврдењето дека актуелните мерки и активности даваат резултат. Им порача на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека со манипулации и навреди нема да го намалат загадувањето и ги повика да се приклучат кон заедниката борба која е единствено можна, како што рече, со владиниот План за чист воздух. Макрадули апелира и да се следат правилата и бројките и да им се верува на стручните луѓе во институциите, а не на оние што изнесуваат паушални оценки. Откако возвратија дека СДСМ со евтини „финти“ дошла на власт и дека така ќе си оди, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа и одговор од Макрадули на прашањето дали власта свесно прави здравствен геноцид врз граѓаните. -Кој податок и да се погледне од Државниот мониторинг систем, покажува дека загадувањето е намалено. Но, тоа не е доволно поради што уште поинтензивно продолжуваат активностите за чист воздух заедно со граѓанскиот сектор и бизнис заедницата. За жал, сега некој на маката злоупотребува податоци кои доаѓаат од некалибрирани сензори, а никаде во светот врз основа на тоа не се креира политика. Т.н. индикативни сензори единствено пренесуваат податоци, без каква било обработка. Не ја перзонализирајте борбата со лични дискредитации. Одговорно тврдам дека заедно со оние што знаат во Министерството, секојдневно анализираме, се повикуваме на науката, работиме на четирите анализи од меѓународните фактори кои покажаа успех во многу земји. Затоа, ве замолувам да се бориме заеднички против аерозагадувањето. Да се придржуваме до Планот за чист воздух, зашто е добар и затоа што нема друго решение. Колку побрзо се приклучите кон заедничката борба, толку подобро, порача Макрадукли. Во 2024 година, потенцира, нема да има јавна институција што ќе загадува. Оценувајќи ја борбата со загадувањето како лицемерна од страна на СДСМ, Илија Димовски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе им се придружи откако јавно ќе бидат соопштени податоците за увоз на отпад и кокс. -Верувам дека Вие лично имате искрена намера, но проблемот е во тоа што како власт изминатите три години не покажавте никаков капацитет со конкретни резултати. Манипулирате со бројки, кога ви одговара покажувате графикони, а кога не велите дека се од „Али-експрес“, рече  Димовски. На тоа Макрадули, изнесувајќи бројки, кусо возврати дека денес е за десетици пати намален увозот на отпад во однос на 2013, 2014, 2015 и 2016 година. Се надоврза и Александар Кирацовски со прашање до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ зошто додека биле на власт не биле волку ревносни во борбата против загадувањето, а притоа, дополнително, и непродуктивно потрошиле, како што нагласи, милионски суми. Загадувањето, рече Кирацовски, не е тема за дневна политика, туку за полемизирање. -Зошто кога бевте на власт не прашавте колку се внесува отпад или кокс? Зошто 11 години никој не знаеше да бекне на оваа тема, а денес сте се заинтригирале како загадувањето да почна откако Груевски избега во Унгарија. За три години се донесени десетици мерки со кои овој проблем се решава. Со 684-те милиони евра за кои гласавте, можевте да набавите еколошки автобуси, инвертери, а здравствените установи и градинките место на нафта ќе се грееја на гас, рече Кирацовски. Влатко Ѓорчев потсети на вчерашната информација на „Еуроњуз“ која, повикувајќи се на Европската агенција за животна средина, наведе дека земјава е најзагадена во Европа. -Лицемерите на СДСМ одеа по улиците и ветуваа чист воздух. Тоа е „заевизмот“ во кој живееме, рече Ѓорчев. По паузата од речиси еден час, за збор се јави и Лилјана Затурска според која „власта не е искрена во намерата за борба против аерозагадувањето и презема само популистички мерки“. -Никогаш немавме вакво загадување, со канцерогени честички. Треба да признаеме дека борбата е неуспешна. Неопходни се и конзистентни ставови. Не може некој кога е пратеник во опозиција да зборува едно, а кога е дел од власта сосема друго, рече Затуроска. мч/аа/    

Остани поврзан