• вторник, 24 декември 2024

Целосен прекин на огнот меѓу Киргистан и Таџикистан

Целосен прекин на огнот меѓу Киргистан и Таџикистан
Бишкек, 1 мај 2021 (МИА) – Киргистан и Таџикистан денеска се договорија за целосен прекин на огнот, по извештаите за нови престрелки и засилување на трупи поради граничните судири што избија во средата и во кои загинаа 49 лица. Шефовите на органите за државна безбедност на двете земји го објавија договорот на заеднички брифинг, неколку часа откако киргистанската погранична служба соопшти дека таџикистанските трупи отвориле оган врз нивни возила. Претседателите на двете земји од Централна Азија денеска разговараа и по телефон, за да се договорат за понатамошните чекори, информираа нивните кабинети. Киргистанските власти пријавија 34 мртви, вклучувајќи и 31 цивилна жртва и 132 ранети. Извори од локалната самоуправа во Таџикистан соопштија дека 15 лица биле убиени на нивна страна, вклучувајќи шест граничари и еден полицаец. - Трагедијата што се случи во пограничната област никогаш не смее да се повтори, рече Саимумин Џатиев, шеф на Таџикистанскиот комитет за национална безбедност, додека стоеше покрај неговиот киргистански колега Камчибек Ташиев. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров разговарал телефонски со колегите од двете земји, повикувајќи ги да го почитуваат договорот за прекин на огнот, соопшти руското Министерство за надворешни работи. Киргистан и Таџикистан, кои се поранешни советски републики, се домаќини на руските воени бази и ја сметаат Москва за стратешки сојузник. Судирите избувнаа во средата вечер по должината на границата меѓу таџикистанската провинција Сугд и јужната провинција Баткен во Киргистан, поради спор околу резервоар за вода и пумпа на реката Исфара. јт/

Остани поврзан